Месец јуни со себе донесе олеснети рестрикции, но и наплив на венчавки. Владата пред само неколку дена дозволи до сто гости и половина од капацитетот на просторот, на летните тераси кај угостителите. Младите парови подготвени да ја искористат приликата да прослават, го вжештија телефонот на Матично, каде што дневно пристигнуваат и до триесет барања за склучување брак – бројка којашто оттаму ја оценуваат како сериозна. Управата иако е пребукирана, се уште функционира добро и слободни термини има, уверуваат оттаму.
Сите веднаш, сега сакаат да склучат брак. Меѓутоа, досега не е вратен никој којшто ја посетил Управата за водење на матичните книги, сите се услужени. Но, не можат сите во еден ист ден тоа да го направат и во оној термин во којшто тие бараат. Термини има. Одредени викенди во текот на јуни се зафатени ама затоа имаме други термини во текот на неделата. Средите се доста атрактивни, а сега почнуваат и во четврток да склучуваат бракови, вели портпаролката на управата за водење матични книги, Катерина Битровска.
А, дел од протоколите на надлежните за прослава на свадбите наидоа на удар кај угостителите за овие настани. Критиките воглавно завршуваат кај обврската нивна да ги пријавуваат веселбите до надлежна комора, а негодуваат и во делот за музиката.
Сепак Владата суштински дозволи музичари да свират на свадба според протокол. Па така свирачите на таквиот тип прослави денес не излегоа на протест пред Владата заедно со нивните колеги музичари кои настапуваат на свирки, но сега се уште не смеат поради пандемијата. Тие на протестот приредија сценографија автентична за настап, но наместо да свират – пуштија посмртен марш на звучници.
Додека угостителските објекти се забранета зона за дел од музичарите, свадбите ќе се одржуваат со музика – но, без оро и гушкање. Наместо тоа ќе има казни за непочитување на протоколот и тие може да бидат и илјадници евра.
Петар Догов