На граничните премини продолжува интензивна контрола на пратките мазут и деривати, а сите сомнителни откритија се нотираат, додека во царинската управа е отпочната и меѓународна проверка дали се фаслисфикувале декларациите за увоз при што опасно отпадно масло е претставувано како мазут. Откриени се недостатоци и во бензини и во мазут збогатени со штетен пепел со тешки метали како и со вода со седиментни загадувачи на воздух, но досега владата не ги известила и регулаторите во комисијата за да преземат мерки за лиценците за трговија со мазут издадени таму. И првиот човек на Регулаторна ги чека резултатите кои владата ги одложи за една седмица за да бидат посодржајни и појасни.
Според информациите на емисијата КОД, недостатоците се откриени во увозни горива на три компании РКМ, Евро-тим и Супер трејд. Во емисијата исто така беше објавено дека тетовската фирма „Блу енерџи“ иако нема лиценца за производство на мазут, продава низ Македонија домашно произведен мазут во фабриката Тетекс каде се преработувале отпадни масла. Тоа во два наврати во две различни години го забележала и Регулаторната комисија и го известила и надлежниот пазарен инспекторат, ама немало никаква реакција, а фирмата лани есента одеднаш престанала со трансакции за продажба на ваков тип гориво.
Бислимовски и натаму останува на ставот дека решението е едноставно, сите нафтени складови да бидат прогласени за акцизни зони каде прво ќе се проверува квалитетот на дериватите и мазутот, па потоа ќе се пуштаат во промет. На тој начин ќе се откријат и фирми кои немаат сопствени складови туку склучуваат фиктивни договори и покрај тоа што и во нивната заработка оди и тој денар плус на цената на дериватите, затоа што во цената која ја формира Регулаторната комисија предвидени се и трошоци за складирање. Фирмите без сопствени складови на тој начин остваруваат дополнителен приход од денар по литар или килограм нафтен дериват.
Миомир Серафиновиќ