Вести Македонија Најважни

Од денеска олеснување на мерките, за дел од граѓаните тоа е прерано

Тмурното и дождливо вторнично утро донесе со себе новини во борбата на земјава со пандемијата. Во Скопје  – и на улиците и во угостителските објекти вообичаено раздвижено, на првиот ден од олеснувањето на мерките на властите.

Надлежните решија подобрувањето на состојбата со Ковид-19 во Македонија и падот на бројките да го одбележат со релаксирање на досега затегнатите мерки, а полицајците малку да одморат од досегашните инструкции за казнување на непочитувачи на истите.

Од денес останува личен избор на граѓаните дали надвор на отворено ќе се движат со заштитна маска на лицето или пак можеби тие се чувствуваат безбедно и без неа, онаму каде што е најраздвижено.

И не е само незадолжителната маска на отворено – знак за олеснетите превентивни мерки. Во кафеаните смеат и по шесторица да седнат на иста маса. Свадбите и прославите допрва ќе следат.

Но, и таа одлука на Комисијата за заразни болести не им удоволи на угостителите.

„Безвредна е препораката да се дозволи организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор или летни тераси до максимум 100 лица ако присуство на музичари е дозволено само при организирање на свадби, а согласно соодветен протокол, велат од НУК.

Граѓаните делумно поделени во ставовите. Преовладува мислењето дека можеби е рано да се тргнат голем дел од ограничувањата, но за маските на отворено се согласни.

„Доволна е одлуката за маските. Мислам дека брзаме со олеснувањата на мерките. Месец јуни треба цел да го истераме и тогаш сè ќе ни биде чисто. Ќе има и музика во кафеаните, ќе има и свадби и крштевки и сè ќе има. Сега засега не смееме тоа да го направиме.“

 

„На телевизија гледам кажуваат дека има помалку мртви, помалку заразени, што значи дека сме во нормала. На отворено нема да продолжам да носам маска, но во дуќани – да.“

 

„Сè повеќе има вакцинирани, опаѓа бројот на новозаразени, во ред е да има олеснувања на мерките.“

Голем удел во подобрената епидемиолошка слика во земјава имаат вакцините и процесот на имунизација. Деновиве низок е бројот на вакцинирани со прва доза и главно во пунктовите тече процесот на ревакцинација на граѓаните.

Тоа е така затоа што само уште малку малку вакцини за прва доза се достапни. Но, имунизацијата нема да трпи – уверуваат здравствените власти.

„Имунизацијата нема да запре. Завчера стигнаа вакцините на „Фајзер“ и тие ќе бидат дистрибуирани. Во текот на неделава очекуваме и други вакцини да стигнат, пред сè од Бугарија и од Грција, така што по веќе поставениот механизам тие ќе се распределат и вакцинацијата ќе продолжи“ изјави министерот за здравство, д-р. Венко Филипче.

Освен донираните вакцини од Грција и од Бугарија, Македонија ги очекува и кинеските „Синовак“ и нова пратка од руската „Спутник“. Точен датум за нивното пристигнување се уште нема, вели министерот Филипче.

Додаде дека руските веќе требале да бидат пристигнати кон крајот на мај, а во првиот дел од јуни се очекуваат кинеските.

Петар Догов

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Штериева: Банките ги разгледуваат тарифите за намалување на провизиите

Дејан Дејан

Три министерства во „реформски минус“ од 40 милиони евра

Дејан Дејан

Следното покачување на пензиите да биде според законското решение, да го нема линеарното до 2.500 денари

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе