Уште еден носител на македонски пасош со украдени податоци е најден и фатен, а подолго време бил во затвор.
Станува збор за Јорданецот Валид Иса Хмајс кој имал бразилско државјанство, потерници по него распишани од Бразил, но во јануари 2019-та извадил и македонски пасош на име Таќо Вурмо.
Во неговото досие стои дека организирал кокаински транспорти од Јужна Америка кон Европа по што од 2017-та е во бегство. Додека бега од црвените интерпол потерници доаѓа во Скопје, си вади пасош за еден ден и потоа Валид но сега како Таќо од Пустец двапати лета од скопскиот аеродром.
Во меѓувреме со помлада партнерка од Косово, Валид алиас Таќо живее на егзотичниот остров Маурициус.
На крај е фатен со лажен пасош во Турција, каде е во затвор и каде е откриен од страна на разузнавачките служби на Бразил. Откритието дека овој нарко-бегалец е најден во турски затвор е објавена од новинарскиот истражувачки тим на бразилската Рекорд ТВ.
Според нивната анализа, Валид Иса Хмајс бегал во Турција бидејќи црвените интерпол потерници во оваа држава многу потешко се реализираат.
Иако Хмајс двапати ја искористил лажната патна исправа и веќе може да одговара за дело „Употреба на исправа со невистинита содржина“, досега ниту против него но ниту против било кој од 215 носители на лажни македонски пасоши е покрената кривична пријава.
Од Обвинителството велат дека преку Интерпол се бара сопирање на сите кај кои ќе бидат најдени лажните пасоши и дека се уште трае истрага за да се открие доколку има, одговорност во повисоките структури на МВР.
“Надлежниот јавен обвинител до МВР издаде Наредба за да се утврди кои лица во организационите единици на МВР за издавање пасоши, според хиерархиска поставеност, биле обврзани да вршат надзор врз издавањето на пасошите, вклучувајќи ги и наведените спорни пaсоши, во целиот критичен период. Ќе треба да се утврди кои вработени во МВР, освен сега обвинетите, имаат пристап до личните податоци (имиња, ЕМБГ и адреси) на државјани на РС Македонија кои немаат извадено патни исправи. Понатаму, МВР е задолжено преку своите инструменти во државата и во странство да провери дали и кога спорните пасоши биле употребувани на домашни и странски гранични премини, а воедно да направи и други проверки и се ова да го документира со писмени докази” – појаснуваат од јавното обвинителство
Хмајс не е единствениот бразилски бегалец со изваден лажен македонски пасош. Позната по нарко-трговија со Европа е и Карине Де оливеира Кампос која од октомври лани има пасош на име Виолета Цонкова.
Исто така британецот Мајкл Пол Муген, еден од 27-те најбарани криминалци во Британија успеал да извади македонски пасош со име Васил Јован, но во парил е уапсен во Дубаи.
Миомир Серафиновиќ