Национален консензус и црвени линии по примерот на Бугарија бараат од ВМРО ДПМНЕ и во Македонија. Реагираат зошто владата не го ни известува, а камоли консултира Собранието за позициите со кои настапува во преговорите со нашиот источен сосед.
Во меѓувреме, додека чекаме европеизација, вели Муцунски, фокусот треба да биде на внатрешните реформи.
Премиерот, пак, за српски Курир изјави дека, постои решение за сè, вклучително и за проблемот со Бугарија и блокадата на почетокот на преговорите со ЕУ, но треба да се избере вистинскиот момент.
Тој додаде дека треба да се продолжи со интегративниот процес, бидејќи последица од забавувањето се радикални идеи за поместување на границите и решавање на косовскиот проблем.
Смета дека, кога сите балкански држави ќе влезат во ЕУ, ќе се постигнат шенгенските услови и ќе нема граници,ќе престанат и заканите за нови војни и исцртување на нови граници на Балканот.
Загрижен е од различните нон пејпери, и покрај тоа што Македонија е во НАТО, што значи дека, со секоја закана за нашата територија и интегритет, би се активирал членот 5 од Договорот– сите за еден, еден за сите.
Сепак, вели, „никогаш ништо не е сигурно„.
Далиборка Демјанска Цветановска