Поканата до Валентина Божиновска за член во Стратегискиот совет на МНР ја преминува црвената линија на вицепремиерот Фатмир Битиќи од СДСМ.
Тој се огради од нејзиното именување во советот, велејќи дека тоа е одлука на министерот Османи.
Битиќи алудираше на нејзиниот говор пред ДИК во 2016-та година, кој вчера се споделуваше и на социјалните мрежи.
Министерот Крешник Бектеши од ДУИ, пак, тврди дека не е запознаен со случајот.
Османи вчера објасни дека членовите во Советот се избрани врз принципи на искуство, експертиза и млада енергија, но и поради различните погледи. Инсистирал да има и луѓе со спротивставени политички ставови, затоа што не сакал тоа да биде монолог во кој ќе се поддржуваат за позиции, туку да има дебата, па дури и контроверзна.
По реакциите, Божиновска синоќа се повлече, иако вчера присуствуваше на конститутивната седница.
Во писмото до Османи, се заблагодарува за поканата, но вели дека поради ограничените активности од здравствени причини, не може да придонесе во овие мигови. Идејата на министерот, за ова советодавно тело, составено од луѓе од различен профил и политичка ориентација, ја нарекува брилијантна.
Бура од реакции предизвика и името на Срѓан Керим на списокот. За него СЈО отвори истрага за злоупотреби во згаснатата медиумска куќа МПМ.
Во советодавното тело се 26 професори, академици, поранешни министри, пратеници и амбасадори. Поканети се да членуваат и академиците Луан Старова и Абдулменаф Беџети, директорот на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, Нано Ружин, Мухамед Халили, Виктор Габер, Ризван Сулејмани, Марјан Ѓуровски. Тука се и Денко Малески, Лазар Еленовски, Ивана Туфегџиќ и Гордан Георгиев.
За ангажманот нема да добиваат надоместок, ќе работат волонтерски.
Далиборка Демјанска Цветановска