Политичарите бараат ревизија на монтираните судски процеси, универзитетските професори и експертите сметаат дека со тоа се врши упад во правниот систем и е во колизија со Законот за кривична постапка. Доколку се усвои законското решение кое го нуди пратеникот Павле Трајанов, најмалку 30 судски случаи може да бидат обновени.
Ова, според универзитетскиот професор Гордан Калајџиев ќе доведе до големи проблеми.
Законот за преиспитување на факти и докази опфаќа 10 годишен период и ќе биде филтер за селекција на судии, обвинители, поранешни вработени во УБК, МВР, Бирото за јавна безбедност. Во повторените постапки ќе се утврдува нивната одговорност и вмешаност. Ова не би значело амнестија или помилување, туку давање шанса на неправедно осудените да ја докажат својата невиност.
Законот се предлага во редовна постапка и се остава можност за амандмански интервенции откако ќе се слушнат забелешките на експертите.
Јулијана Пешевска