Македонија Топ вести

Османи бара средба со новиот бугарски колега за придвижување на македонското пристапување

Само еден ден откако седна во министерското столче, новиот технички министер за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев, добил честитка со барање за средба од македонскиот колега, Бујар Османи. Намерата на Османи, како што самиот кажа денеска, му е што поскоро да се реализира меѓувладината комисија со усвојување на извештаите на комисиите и на акцискиот план за побрза имплементација на Договорот за добрососедство. Но освен директна средба со бугарските колеги, македонската дипломатија се подготвува и за други активности за да се одоброволи Бугарија да го крене ветото во ЕУ.

„Очекувам да има одредени состаноци, важни иницијативи во текот на оваа недела, но не би влегувал повеќе по однос на ова прашање. Меѓутоа ние сме подготвени и посветени да се ангажираме во овој процес затоа што шансата за јуни е неповторлива“, смета Османи.

А дека шансата во јуни не треба да се испушти смета и вицпермиерот за европски прашања, Никола Димитров, кој од Економскиот форум во Делфи, во контекст на политичката криза во Бугарија и нејзинот повторно одење избори во јули, порача дека ниту едни избори не треба да бидат причина пристапувањето на земјава да запре.

„Мислам дека после сето ова време, ние немаме луксуз да кажеме едноставно – ајде да почекаме. Мислам дека треба да се обидеме да го искористиме моментот, да најдеме начин да ја надминеме пречката и ова го гледам како сценарио за заедничка победа или заеднички пораз“, изјави Димитров.

Евокомесарот Оливер Вархеи, пак ја искористи дебатата да се дообјасни за ставот дека постои можност за раздвојувањето на пристапниот процес на Македонија и на Албанија што го конфронтираше со самата Европска комисија, но и земјите-членки. Но тоа го направи на начин несвојствен за еврокомесар за проширување, велејќи дека дури сега разбрал оти земјите-членки се навистина подготвени за старт на преговорите со двете земји, што го направило среќен.

„Досега ова не беше толку јасно. За мене ова е позитивен развој на основа на која сме подготвени да работиме. Сепак, имаме неколку недели пред нас и се надевам дека во јуни ќе ја имаме согласноста за двете земји. Но, треба да знаете дека треба да ја имаме согласноста од страна на сите земји-членки“, изјави Вархеи.

Сепак Вархеи не се откажува од можноста за раздвојување, но во некое идно време.

Надеж дека ЕУ ќе најде сила и форма да ги почне преговорите со двете земји денеска стигна и од Албанија чиј главен преговарач со Унијата, Зеф Мази, смета дека не смее да се закочи пристапувањето на Тирана и Скопје и оти тие преговорите ќе ги стартуваат во јуни.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Македонската филхармонија вечерва во Солун со „Кармина Бурана“

Дејан Дејан

Одете крај брегот – Израел ги повика Палестинците да се евакуираат од северниот дел на Газа

Дејан Дејан

Еврокомесарката Марта Кос во Македонија – денеска и утре лидерска средба ЕУ – Западен Балкан

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе