Опозицијата го затрупа со амандмани законот со кој се предвидени нови услови за пензионирање на вработените во Армијата. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата поднесоа околу 2.000 амандмани со цел, како што велат, да ги натераат владата и министерството за одбрана, да ги прифатат нивните забелешки на законот.
Целта на нашите амандмани е подобрување на условите за пензионирање и давање на можност на активниот воен и цивилен персонал во Армијата да му престане работниот однос по сила на закон со остварување на право на пензија со навршување на 40 години стаж или со навршување на 55 години возраст. Доколку ова не биде регулирано како што бараме, ќе се изгуби смислата на бенифицираниот стаж. велат од опозициската партија
Од партијата предлагаат и да се корегираат пензиите на воениот и на цивилниот персонал, на кои од денот на формирање на Армијата па до овој закон, им престанал работниот однос.
Не сакаат повторно да бидат обвинети за блокирање на Собранието или дека се против подобрување на условите во Армијата. Но, токму тоа се случи. Министерката за одбрана, на својот фејсбук профил ги обвини дека, наместо да помогнат, блокираат.
Законот предвидува и дека, воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата не смее да раководи, да застапува и претставува политичка партија и да биде член на органи на партијата. Блокадата на ова, за министерката, е и јавно признание на ВМРО ДПМНЕ дека стои зад злоупотребата и партизацијата на Армијата.
Со новиот закон се предлага и право на избор за професионалните војници по навршување на 45 години возраст: да засноваат работен однос на неопределено време без објавување на јавен оглас, со преземање во органите на државната и локалната власт или да земат испратнина од 1000 евра за секоја година помината на служба во Армијата.Доколку се вработат повторно, отпремнината треба да ја вратат.
Далиборка Демјанска Цветановска