Пасошитe издадени на криминалци, но доказите за нивната изработка ги нема во архивата на управните служби на МВР. Истрагата како главна индиција во случајот „Двојник“ ги испитувала оние издадени пасоши за кои иако требало да има хартиено пасошко досие во архивата, такви досиеја немало.
Обвинетите пак досега признаа вина за што беа обвинети, иако за овој дел од сомнителната работа немаше обвинување кон никого. Но истрагата продолжува да бара дали во уништување и криење на тие досиеја учествувале и други лица во структурите на МВР.
Како што вчера објави КОД многу криминалци од сите страни на светот успеале да да извадат пасош со чист македонски идентитет кој им помагал да се кријат пред меѓународните потерници. Меѓу нив е и британецот Мајкл Пол Муген кој веќе е уапсен, иако досега не го искористил македонскиот пасош со име Васил Јован изваден лани во септември. Британските медиуми објавија дека Муген е уапсен во април што се совпаѓа со отварањето на акцијата „Двојник“. Во извештајот се наведува дека при апсењето на овој нарко-бос помогнале повеќе анти-криминални агенции од држави во Европа, без да се прецизира за кои земји станува збор.
Меѓу оние што имаат македонски пасош е и бразилката Карине Де Оливеира Кампос, чија фотографија лани на први октомври е внесена во системот за пасоши, а неколку дена пасошот со име на македонската државјанка од Бугарија Виолета Цонкова е подигнат во МТВ, а во него имало фотографија на бразилката Кампос. Неа во Бразил ја бараат за серија транспорти на кокаин, во акција на бразилските специјалци во Сантос запленети се и 7 милиони долари заработени со дрога, од кои дел биле криени со заѕидување.
Единствениот македонски државјанин кој набавил пасош со украдени податоци е Фуат Јусуф, осуден на 15 години затвор за грабеж на поштенски пари 2008-ма во Чаир, кога учествуваше и во оружениот напад при што беа изрешетани 4-ца поштенски обезбедувачи. Тој си извадил пасош во управните служби на МВР, иако на сајтот на МВР има потерница по него.
Миомир Серафиновиќ