На влезот средство за дезинфекција, внатре ограда за дистанца. Свеќи се купуваат и палат надвор. Верските храмови и утринава ги отворија вратите со посебен протокол. Верниците со маски на лицата се протнуваат под плаштеницата и оставаат црвено јајце. На сличен начин ќе се одвива и свечената церемонија вечерва во Соборниот храм во Скопје. Свештениците ги повикуваат болните верници да си останат дома, а тие што ќе дојдат, да бидат одговорни и кон себе и кон другите. Причест ќе се одвива на повеќе места.
И од другата страна на булеварот се прават подготовки, но од поинаков тип.Кафулињата и рестораните повторно ги отворија летните тераси. На секоја маса средство за дезинфекција,персоналот со маски, но гостите се ретки. Укинувањето на полицискиот час нема да важи за угостителските објекти,тие ќе работат до 20 часот.
За граѓаните,пак, денеска нема полициски час. Од утре тој повторно се враќа на сила и ќе почнува од 21 часот. Исклучок од ова правило ќе има и вечерта меѓу 13 и 14 мај, за Рамазан бајрам.
И од лекарската фела деновиве апелираат, за празниците да се избегнува дружење во поголеми групи и престој во затворени простории.
Далиборка Демјанска Цветановска