Македонија Топ вести

Бојкот и обвинувања за манипулации околу дигиталните учебници 

Група родители почнаа да собираат потписи за стопирање на гласањето на Законот за учебници, со кој се најавува дигитализација на образованието. Потребни им се минимум 100 потписи за барањето да влезе во Собрание. Бараат и јавна расправа и дебата за измените, но и директно и непосредно учество на стручни лица и претставници на групата во ревизија и интервенции во Законот. Со цел да ја анимираат јавноста за проблемот, ја формираа и фејсбук групата „Учебници и настава мора да има“ која собра околу 70.000 членови.

Родителите кои се против дигитализацијата на наставата, најавија и дека од утре ќе ја бојкотираат наставата, а ако барањата не допрат до МОН ќе преземат и дополнителни активности. Дел од учениците во неколку средни училишта и денеска ја бојкотираа наставата. Но, од Сојузот на средношколци се оградија од бојкотот. Тврдат дека тие не се организатори и нема потреба од бојкот, затоа што дигитализацијата на учебниците се однесува  само на четврто одделение, а многу години ќе поминат додека почне овој процес и во средното образование. Нивниот став е дека,  мора да има и печатени учебници и секој ученик треба да има право да избере од каков учебник сака да учи.

Министерката за образование, во одговор на пратеничко прашање, обвини дека и родителите и децата се партиски инструирани од опозицијата.

За ова реагираа и од Хелсиншкиот комитет.

Децата се подложени на бројни манипулации, лажни вести и дезинформации, кои дополнително ја усложнуваат и онака сериозната состојба која ја наметна пандемијата во однос на нивната едукација. Денешниот бојкот на наставата на средношколците очигледно е дел од таквите злоупотреби. Ги повикуваме сите релевантни фактори во државата да ги изземат децата од своите политички активности, вели Уранија Пировска.

Владата пак, законот за учебници во електронска  форма го усвои, но потоа и го врати до МОН на доработка, по што ќе биде испратен во Собрание со европско знаменце. Соопштија дека во новото законско решение се  земени предвид документи на Европската комисија кои во фокус го имаат развојот на дигиталните вештини на учениците, креирање и употреба на дигитални наставни материјали, развој на едукативни платформи, дигиталните вештини на наставниците.

Како што ќе се надминува фазата на вонредна состојба наметната од избувнувањето на пандемијата, така ќе расте потребата од развивање стратешки и долгорочен пристап кон дигиталното образование и обука. Спомнатите иницијативи ќе треба да понудат начини за подобрување на квалитетот, особено во однос на основните и дигиталните вештини,велат од владата.

Опозицијата реагираше дека европското знаменце е манипулација, со цел да се оневозможи долга дебата и амандмани за законот.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Фирмата на „Пулс“ била во радарот на УЈП – директорката отфрла одговорност во постапување на институцијата

Дејан Дејан

Независните со апел до Собранието за независните кандидати

Дејан Дејан

Од први јули забрана за движење во шумите 

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе