Менување на границите во регионот е неприфатливо и води кон дестабилизација на Западниот Балкан. Вака генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и македонскиот претседател, Стево Пендаровски денеска ги коментираа неофицијалните документи кои наводно извесно време циркулираат во Брисел меѓу земјите-членки на ЕУ, но и на НАТО, а кои предвидуваат менување на границите во регионот. Столтенберг е дециден дека таков документ не стигнал до НАТО.
„Овие документи можат да се прочитаат само во весници и не циркулираат меѓу членките и сојузниците на НАТО, не сум ги видел, не можам да го потврдам постоењето на овие документи. Но она што е од големо значење е дека секоја шпекулација за менување на граници придонесува за несигурност и ја ризикува стабилноста во регионот и сметам дека секоја шпекулација околу тоа не е од помош. Продолжувањето на почитувањето на меѓународно признаените граници е најдобриот начин за унапредување на безбедноста и сигурноста во регионот“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Македонскиот претседател пак за тоа кој и какви цели стојат позади ваквите долкументи вели дека поважно е што ниту една европска влада не ги поддржува ваквите идеи.
„Фактот дека авторите на овие нон-пејпери не се јавно познати е јасен доказ дека дури и тие се срамат од своите идеи. Само луѓе кои не се способни да создаваат креативни идеи и концепти како да ги промовираат националните интереси на своите земји и како да ги направат животите на своите граѓани подобри, само таков вид на луѓе создаваат вакви неприфатливи документи мислејќи и верувајќи дека ако ги поделите луѓето по етничка основа просперитетот ќе дојде преку ноќ“, изјави Пендаровски по средбата со Столтенберг.
Столтнеберг пак за разликите кои постојат меѓу Македонија и Бугарија како две членки на Алијансата, рече дека меѓу 30 земји-членки секогаш постојат ралзики кои НАТО секогаш ги охрабрува да бидат решени низ конструктивен дијалог, посочувајќи го при тоа примерот на изнаоѓање на решение за спорот околу името меѓу Македонија и Грција.
Пендаровски кој денеска на вториот ден од посетата на Брисел беше во седиштетот на НАТО со Столтенберг разговарале и за безбедносните предизвиците со кои Алијансата се соочува, а кои доаѓаат од Русија и Кина, потсетувајќи дека НАТО е најмоќната и насилната воено-политичка алијасна во светот.
Тамара Грнчароска