Вакцинирањето на собраниските служби е причината што над 20 илјади граѓани не можат да земат по 6 илјади денари неповратна помош, а над 15 илјади немаат плата за февруари и март. Овој закон од четвртиот пакет економски мерки и неколку од петтиот пакет, никако да стигнат на дневен ред на собраниска седница. Спикерот Талат Џафери објаснува дека не може да закаже седница додека не добие известување од службите за завршена комисиска расправа.
Законите пристигнаа во Собрание на 16-ти февруари и останаа блокирани со опозициски амандмани се до постигнувањето лидерски договор. Вчера експресно ја поминаа комисиската расправа. Денес, сите партии се согласуваат дека овие закони треба итно да се донесат. Од ВМРО ДПМНЕ велат дека за оваа апсурдна ситуација е одговорно парламентарното мнозинство.
Владеачките партии се сомневаат дека ВМРО ДПМНЕ би можела да ја напушти салата непосредно пред гласањето, како што направила при донесувањето на буџетот.
Од СДСМ потсетуваат дека, освен овие пет закони, има уште триесетина други кои се уште се блокирани со амандмани од опозицијата. И спикерот Џафери, по вчерашната итна и вонредна координативна средба, посочи дека, при договарањето на лидерите надвор од Собранието, не смее да се даваат приоритети само на одредени точки и дека Собранието треба да биде деблокирано на секое ниво, без ултиматитуми. Попладнево, продолжи редовната собраниска работа, но со други незавршени седници.
Соња Николовска