Младите да го променат начинот на размислување и наместо да бараат државна работа, да истражуваат можности за отворање на сопствен бизнис. Исто така општините да ги зајакнат капацитетие за нивна институционална поддршка при влезот на пазарот на трудот, велат експертите и младите претприемачи. Во Битола, една третина од вкупниот број невработени се на возраст од 15 до 34 години, но мал е бројот на оние што размислуваат за самовработување
Иако младинското претприемништво нуди предности за самовработување и градење кариера, младите во Пелагонискиот регион повеќе сакаат да најдат државна работа. Ана Ристевска е млада битолчанка сопственик на софтверска компанија која ја основала пред 3 години. Можноста за кариерен развој ја гледа во приватниот сектор и во никој случај не би го заменила со државно вработување. Нејзината успешна приказна може да биде пример за многумина, затоа што, Ана вели можности има, младите треба да ги пронајдат, да истражуваат, дури и во услови на криза која ја наметна пандемијата.
-Не треба да мируваат, не треба да стагнираат , туку треба да ги искористат сите можности кои што им се даваат. А тие можности во моментот кај нас, во нашата земја ги има преку различни повици, од различни инстит уции од каде можат да се земат средства за да се започне сопствен бизнис, вели Ана Ристевска, млад претприемач.
Експертите велат дека млади претприемачи може да се создадат, а иако има извесен напредок сепак потребно е уште многу работа посебно на локално ниво за нивна инстутуционална поддршка при влез на пазарот на труд. Но, исто така треба да се промени начинот на размислување кај младите луѓе за да ги видат можностите што ги нуди претприемништвото.
-Младите треба да ја надминат таа парадигма за државно вработување, да го променат нивниот начин на размислување, и да почнат да размислуваат да отворат свои сопствени бизниси, затоа што младинското претриемништво покрај тоа што им овозможува да ја зголемат самодовербта и им се обезбедува постигнување на една економска независност, вели проф.д-р моника марковска, укло-битола.
Во Битола од 6700 невработени, 2200 или една третина се лица од 15 до 34 години. За потребната локална институционална поддршка, за решавање на проблемот со младиснката невработенсот, за вештините кои треба да ги развиваат младите претприемачи, се дебатираше на трибината во организација на младинското здружение „Интеркатив“ од Битола.
Емилија Мисирлиевска