Ковид19 Македонија Најважни

Или стабилизација на Ковид-состојбата или подолг полициски час и скратено време на угостителските објекти

Бројките денес и викендов ќе диктираат дали Комисијата за заразни болести во понеделник ќе препорача да се засилат превентивните мерки. Уште поскратено работно време за угостителските објекти, надополнето со подолготраен полициски час според министерот за здравство се двете очигледни решенија ако не спласне новиот бран на зараза со вирусот.

Оптимистичко за Филипче е тоа што денес опаднал бројот на новозаразени со Корона, но трендот продолжува да се следи и во сабота и недела.

„Денес имаме нешто помалку случаи на зараза за разлика од претходните денови. Бројката на новодијагностицирани денес е под илјада. Тоа што очекуваме во следниот период е во таа насока да оди ситуацијата, односно да има стабилизирање и полицискиот час што беше воведен пред една недела да ги даде резултатите. Следни чекори би било зголемување на времетраењето на полицискиот час и скратувањето на работното време на угостителските објекти, дополнително од ова што е сегашен лимит до 21 часот“ изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Наглиот пораст на бројките и секојдневните над 20% позитивни тестови ги натераа здравствените власти да кројат планови како да обезбедат кревет повеќе и да пренаменуваат одделенија во Ковид-центри.

Сепак болничките капацитети не се загрозени, смирува министерот Филипче. Фокусот во моментов е ставен на тоа да има доволно болнички кревети и за Ковид-пациенти, но и за оние редовни пациенти со други дијагнози.

Додека земјава се справува со овој таканаречен трет бран на Ковид – се очекуваат и вакцините за масовна имунизација на населението. Не постои неквалитетна и небезбедна вакцина, уверува првиот човек во здравството и кажа дека ќе ја прими вакцината на АстраЗенека за да даде пример.

„Имајќи предвид дека гледаме сега дека навистина скепсата е најголема во однос на таа вакцина – да, дефинитивно! Сакам да ги уверам граѓаните дека буквално секоја вакцина којашто е сега присутна или допрва ќе влегува во нашата земја ќе биде безбедна за користење. Тоа што се создаде малку сомнеж заради сите тие компликации и несакани ефекти од вакцината на АстраЗенека и поради што неколку национални агенции на некои европски земји го запреа вакцинирањето вчера дефинитивно го демантираше ЕМА во смисла на тоа да потврди дека вакцината е целосно безбедна и нема никаква директна причинскопоследична врска помеѓу тие несакани ефекти и вакцината“ вели Филипче.

Во однос на пристигнувањето на вакцините – информациите се дека кај нас први ќе пристигнат стоте илјади дози од вакцината на АстраЗенека и тоа на 31 март, преку Ковакс-механизмот.

Но, тоа само во случај да не се случи некаков пресврт и порано од нив да слетаат кинеските вакцини „Синофарм“, на скопскиот аеродром.

Петар Догов

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Објавен на ЕНЕР Предлог Закон за Судскиот совет – се чека мислење од Венецијанската комисија

Дејан Дејан

Земјотресот со јачина од 6,1 степен ги погоди грчките острови Родос и Касос, а беше почувствуван и на Крит- предупредување за можно цунами

Дејан Дејан

Зеленски: Русија продолжува со нападите пред очекуваните разговори

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе