Жителите на Тетово веќе неколку дена се мачат со недостиг на вода за пиење и рестрикции во водоснабдувањето. На 16 март повторно настана дефект во линијата Лешница, на истото место како и пред нецел месец. Надлежните велат дека оштетувањето овој пат е од помали размери и дека се работи на негова санација.
Во рок од еден месец тетовци вторпат остануваат без вода за пиење со денови. Градот четврти ден се соочува со недостиг на вода и рестрикции по дефектот кој се случи поради лизгање на земјиште во линијата во Лешница. Оштетувањето на главната цевка од фи-500 се случи на истото место како и пред нецел месец, кога беа потребни 10-тина дена за санирање на дефектот.
Граѓаните се жалат дека повторно во време на пандемија останаа без вода за основните потреби.
Се уште се работи на санација на дефектот. Покрај специфичниот терен, отежнуваат и лошите временски прилики во месноста.
Градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи, вели дека очекува одговори од Надзорниот одбор зошто во краток период има две оштетувања на истото место.
Водата во градските резервоари драстично е намалана, односно заедно со активирањето на бунарите Тетово се снабдува само со 200 литри вода во секунда. Со цел еднакво опслужување со вода за пиење во сите критични делови на градот, Јавното комунално прeтпријатие воведе рестрикции три пати во едно деноноќие, кои ќе траат до санирање на дефектот.
Данијела Билбилоска