Извештајот на АНБ кој е најважниот доказ за да се определи притвор на Камчев не е откриен во јавноста. Единствено познато е дека агенцијата имала сознанија дека тој имал контакти со бугарски државјани и се подготвувал за бегство во Бугарија чиј пасош има, но му е одземен во судска постапка за обезбедување на присуство. Нема детали, а станува збор и за класифицирана информација на која се базира и барањето притвор и определената мерка.
Од МВР не коментираат за сите прашања поврзани со Камчев затоа што сметаат дека постапиле согласно законските прописи по добиени информации за бегство, а сега случајот и информациите се во рацете на обвинителство.
Нема официјално објаснување ниту за втората дилема- службената белешка за апсењето на Камчев. Извори за Телма тврдат дека станува збор за ненамерна грешка со цитирање член со ист број но од погрешен закон. Во кривичниот законик членот 158 е за изборно кривично дело, додека Камчев бил приведуван по член 158 од Законот за кривична постапка кој регулира лишување од слобода без судски налог поради тековно кривично дело.
Мерката е преземено поради сознанија за подготовка на бегство, а белешката ја подготвиле полицајците во станицата Карпош каде по приведувањето е однесен Камчев. Патот на осомничениот бизнисмен во случајот Империја и Плацеви на Водно имаше уште две етапи, кривичниот суд и затвор Скопје.
Орце Камчев според ковид протоколите сега е во изолација, сам во келија и така ќе помине половина од определниот притвор, но денеска во Шутка имал посета од адвокатот Тони Менкиновски кој веќе поднел жалба затоа што смета дека притворот е незаконски и без докази за бегство. Барањето го поднесе обвинителството за организиран криминал повикувајќи се на случајот Плацеви на Водно каде Камчев е осомничен заедно со Никола Груевски, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, својата мајка Ратка Камчева и Ристо Новачевски-кумот на поранешниот премиер Груевски.
Станува збор за сомнежи за кривично дело перење пари на околу 1,3 милиони евра партиски донации кои наместо во касата на ВМРО-ДПМНЕ завршиле за откуп на плацеви на Водно поврзани со екс премиерот. Предметот го работеше СЈО кое се расформираше по случајот рекет и затворот за специјалната обвинителка Катица Јанева. Но и во вчерашното барање за притвор на Камчев биле посочени бомби односно ЦД со прислушувани разговори како доказ за кривични дејства во случајот Плацеви на Водно, ама и тие поминале пред судијата на претходна постапка кој му определи притвор на осомничениот.
Миомир Серафиновиќ