Се почнало од чаршиски муабет, воден меѓу еден обвинител и Министерот за правда Бојан Маричиќ. Се случил во петокот, после завршните зборови во порцесот „Таргет Тврдина“, а пред исчезнувањето на Сашо Мијалков. Денеска премиерот Зоран Заев после скоро една недела од драмата со бегството на Мијалков го откри името на министерот кој прв дознал дека Мијалков ќе бега.
Маричиќ малку изненаден од тоа што се откри неговото име вели не е првиот човек кој дознал ама е прв член на владата. Не пријавил кај неговиот колега Оливер Спасовски, ама го подучил обвинителот чие име не го открива дека треба оваа информација обвинителството да си ја провери.
Прв Министерот Оливер Спасовски обелодени дека некој министер знаел дека Мијалков ќе бега уште в петок и покрај тоа што во саботата обвинителката Вилма Русковска ја дознала од свој извор оваа информација и побарала потврда од МВР. Но Спасовски не кажа кој министер и кога, тој како прв човек на МВР ја добил оваа информација – дали од колегата министер во петокот или од Русковска во саботата. Од Обвинителството засега нема одговор кој бил министерот на средбата со Маричиќ. Нема ниту информации до каде е истрагата за помагање во бегство и дали клучниот сведок Мијалков е повикан на распит. Тој пак веќе 4 -ти ден е во 60 дневен притвор во затворот во Шутка.
Мијалков во петокот ја слушна 12- годишната затворска казна за прислушкувањата. Денеска пак од притвор беше донесен на последното рочиште за случајот Трезор. Таму е обвинет за набавката на шпионскиот софтвер ФинФишер, а завршните зборови за овој случај се закажани за 22 и 29 март, по што ќе следува пресуда.
Билјана Николовска