Дали ќе се укинуваат катедрата за македонски јазик и катедрата за македонска книжевност?
Ваква дилема поставил првиот човек на МАНУ, академик Коцарев на кординативниот онлајн состанок со стручната јавност, по повод Усвојувањето на националната програма за релизација на „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ под покровителство на претседателот Пендаровски.
Според информациите што ги имал Коцарев последниот удар, во името на Конески, што се подготвува да се направи на Филолошки факултет кој го носи името на Блаже Конески, се „реформите“ на факултетот со кои престануваат да постојат катедрите по македонски јазик и македонска книжевност.
Но, денеска тој не одговараше на телефонските повици за да објасни на што ги темели ваквите сомнежи.
За професорката Искра Пановска – Димкова, кој е воедно и раководител на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици ваквите ставови на академик Коцарев се чисти измислици и лично смета дека се опасни манипулации.
“Тој своите изјави не ги поткрепува со ниту некаков доказ, ниту пак посочува кои институции евентуално би го направиле тоа, најмалку кои лица би се дрзнале, за такво нешто, за укинување на такво нешто. Јас барам од членовите на МАНУ под итно да се оградат за овие ставови на претседателот на МАНУ и истовремено изјавувам дека катедрата е целосно убедена дека Филолошкиот факултет не подготвува таква реформа, ниту пак би завлегол некогаш во таква реформа, во таа смисла Катедрата и факултетот се на иста линија” – изјави проф др Искра Пановска – Димкова.
Согласно Законот за високото образование, член 9, Факултетите имаат автономија во управувањето и тие сами одлучуваат за своите студиски програми. МОН нема ингеренции поврзани со студиски програми, се вели во дописот на Министерството за образование и наука, кое годинава додели 15 стипендии за студенти што студираат на Катедрата за македонски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Ректорот Никола Јанкуловски во телефонски разговор за Телма ни потврди дека следнатата недела планира да се сретне и со претседателот на МАНУ и со деканката Дучевска и претставниците на Катедрата по македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ за да види за што точно станува збор.
Нина Стефанова