Акцискиот план меѓу Македонија и Бугарија за побрзо спроведување на Договорот за добрососедство е заглавен некаде на патот меѓу Скопје и Софија. Две недели откако шефот на дипломатијата Бујар Османи рече дека останува да се усогласи само уште еден процент од планот и тоа по чисто технички прашања, денешната негова изјава покажува дека не е баш така.
„Мислам дека засега прашањата за коишто разговараме се јасни. Нашата интенција е дека треба да се вратиме на Договорот, на начелата на Договорот или инструментите коишто ги предвидува Договорот. Мислам дека се повеќе од бугарска страна се потврдува таа интенција дека само Договорот е решението, а Договорот има јасни утврдени насоки кои се разликите и како треба да се надминат разликите. Мислам дека отворање на дополнителни прашања не е во интерес ниту на двете страни,ниту на процесот“, изјави Османи.
Дека Македонија и Бугарија не се баш на чекор на усвојување на акцискиот план, а со тоа и одржување на меѓувладина конференција, пред два дена соопшти и лично бугарската шефица на дипломатијата, Екатерина Захариева и тоа само неколку часа по средбата со Османи во Софија, од која беше лиферувано штуро соопштение, без датум за меѓувладина конференција.
„Се надеваме дека ќе успееме да постигне согласност за протоколот, кој така се прави да се најдеме и да се разбереме по нешто, нели, да се направи оценка – така е според Договорот, оценка на исполнетиот Документ, план за следниот период, следната година“, рече Захариева.
Захариева, освен за Коридорот 8, тогаш не спомена по кои други точки треба уште да се работи, но се појасно е дека преостанатиот неусогласен еден процент од Акцискиот план не е толку технички.
Но освен по акцискиот план Скопје и Софија имаат различна перцепција и како се одвиваат работите со заедничката Комисија за историски прашања, која изминатите два дена ја одржа својата 12 средба, на која не беше постигнат напредок по историските теми.
Османи и покрај ваквиот исход позитивно гледа на работата на Комисијата:
„Не секогаш на секоја средба на Комисијата може да се очекува пробив и спектакуларен резултат. Затоа е интенцијата овие средби да бидат почесто, за доколку нема на едното да има на следното. Имало прогрес вчера, усвојување на записникот, разговарано е отворено, конструктивно, но не е постигнато одредено усогласување за прашањето за препораките во делот на учебниците итн.“, рече Османи.
Додека неговата колешка Захариева уште пред два, во пресрет на последниот состанок на Комисијата, и даде лоша оценка.
„Зборувавме за тоа, дека не само што нема напредок, туку има отстапувања, навистина, така е. По пет личности за кои сме се договориле, тоа е едно од суштинските спорови, дали сме се разбрале само за чествување или, на крај нашето разбирање и разбирањето на нашите членови на Комисијата, е дека се тоа текстови кои треба да влезат во учебниците. Така што објавувањето дека Комисијата се разбрала за средновековието не е точно. Едноставно, тие не се разбрале за средновековието, периодот кој се објавува од страна на Северна Македонија“, рече Захариева.
И додека македонските и бугарските власти да се договорат дали е и или не е усогласен акцискиот план и дали има или нема напредок по историските прашања, се поблиску е датумот на стартот на изборната кампања за парламентарните избори во Бугарија закажани за 4 април, по кој датумот за одржување на меѓувладината конференција со сигурност ќе го чека формирањето на новата бугарска влада.
Тамара Грнчароска