Ветувањето на „Синофарм“ е 200 илјади вакцини за Македонија до крајот на февруари, а месецот завршува за два дена. Роковите за пристигнување на дозите и дефинитивно се пролонгираат. Комплицираните и обемни договори со производителите на вакцини не се финализираат лесно, но се при крај, тврди министерот за здравство. Постојано има некои точки за коишто дополнително треба да се испреговара и истото е речиси со сите производители. За руската вакцина „Спутник“ Филипче го потпишал договорот – но, одбива да прогнозира кога Македонија конечно ќе добие вакцини за масовна имунизација.
Додека земјава очекува вакцини, повторно растат бројките на новозаразени. Денес 15% од тестираните се позитивни или 554 лица од 3477 тестирања. Порастот е очигледен и се должи на циркулацијата на британската мутација на вирусот, велат здравствените власти. Поалармантна е ситуацијата во неколку градови, а на тој начин ќе се размислува и во однос на евентуалното повторно воведување рестриктивни мерки.
За истите овие теми се говореше и точно пред една година – бидејќи на денешен ден е регистриран првиот официјален случај на зараза со Ковид-19 во земјава. Педесетгодишна жена од Дебар која престојувала во Италија со комбе се врати до граничниот премин Табановце, а оттаму директно беше однесена на Инфективна, а останатите патници сите имаа негативни тестови. Со тоа започна да се развива ситуацијата, а следуваа и карантини. Кон средината на март најпрво беше затворен градот Дебар, откако ситуацијата со заразени излезе од контрола. Потоа следеше и првиот полициски час.
Петар Догов