Вести Македонија Топ вести

Една година по првиот случај, пандемијата со Ковид-19 не стивнува

Помина точно една година од првиот потврден случај на заболен од Ковид-19 во земјава, а пандемијата се уште не стивнува. Веќе започна имунизацијата на медицинскиот персонал кој работи во ковид-центрите со вакцината на „Фајзер“, а деновиве треба да пристигнат и 200.000 вакцини од кинескиот производител „Синофарм“ по што, според најавите од надлежните, ќе почне масовната имунизација на населението.
Првиот потврден случај беше жена од Скопје родена 1970 година која престојувала во Италија и во земјава допатувала преку граничниот премин Табановце на 26 февруари 2020 година, превезувајќи се во комбе во кое имало уште неколку лица. Веднаш беше сместена на интензивна нега во одделот за изолација на Инфективната клиника во Скопје по што властите почнаа со спроведување мерки меѓу кои беше и 14-дневна изолација на останатите патници во комбето. На почетокот не препорачуваа здравите луѓе да носат маски, а потоа препорачаа да се носат и ракавици и маски за заштита од коронавирусот.
Иако првите проценки беа дека во земјава ќе се заболат само 2.000 лица и дека ќе има само неколку починати, досега вкупната бројка на Ковид дијагностицирани лица од почетокот на пандемијата изнесува 101.214, бројката на оздравени пациенти е 90.685, на починати е 3.111, а бројот на активни случаи изнесува 7.418.

На почетокот на пандемијата бројот на заболени беше многу мал, а земјава прва во регионот воведе строги мерки за заштита од коронавирусот меѓу кои и полициски час. Во мај постепено почнаа да се олабавуваат мерките што придонесе за значително зголемување на заболените и појава на првите смртни случаи од Ковид-19. Летото помина релативно добро и покрај ризикот од одржувањето на Парламентарните избори кои првично беа закажани за 12 април, но беа неколку пати одложувани заради пандемијата. Сепак се одржаа на 5 јули и според властите не придонесоа за зголемување на бројот на заболени заради преземените мерки за заштита на гласачите и членовите на избирачките одбори и комисии.
Заради коронавирусот беше одложен и почетокот на училишната година која наместо во септември почна во октомври со претежно онлајн настава. Исклучок беа децата од прво до трето одделение кои посетуваа настава со физичко присуство и дел од училиштата во руралните средини, како и некои средни стручни училишта во кои е неопходно физичко присуство заради практична настава.

Нов замав пандемијата доби на крајот на есента и почетокот на зимата кога на препорака на Комисијата за заштита од заразни болести беше донесена одлука заштитни маски да се носат и на отворено.
Како основна средство за прекинување на пандемијата во светски рамки беше посочена имунизацијата против Ковид-19, која масовно прво почна да се применува во Велика Британија, а во земјите од регионот во Србија. Земјава очекуваше вакцини да добие преку ковакс системот, но тоа целосно потфрли. Имаше и најави за добивање вакцини од соседна Грција и Бугарија, но и тоа не се случи.

По многу одложувања заради проблеми со средување на неопходната документација и гарантирање на транспортот првите 4.680 од вкупно 8.000 вакцини од производителот „Фајзер“ пристигнаа во земјава како донација од Србија на граничниот премин Табановце на 14 февруари. Нив лично на премиерот Зоран Заев му ги предаде српскиот претседател Александар Вучиќ по што почна вакцинацијата на медицинските лица кои работат во ковид центрите.
Имунизацијата се одвива во модуларната болница при Инфективната клиника во Скопје, а досега вакцина против Ковид-19 примија 1.677 здравствени работници. Преку веб-страницата „vakcinacija.mk“ за вакцинација се пријавени 67.700 граѓани, а 43.789 преку матичен лекар.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Најавени масовни протести против Трамп во неколку градови во САД

Дејан Дејан

Иран: Бесмислени се нуклеарни разговори со САД додека траат израелските напади

Дејан Дејан

Зеленски: Украинската армија го запре напредувањето на руската војска во Сумската област

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе