Се додека сите не ги тргнат рацете настрана, и опозицијата излезе да се дистанцира, а власта да рече тоа е одлука на судот, а не да се фали, се додека се фалиме со туѓите успеси, а не своите, ништо не правиме, дециден е новинарот Саше Димовски во врска со реакциите по денешната пресуда за случајот „Таргет Тврдина“. Во гостувањето на Топ Тема на Телма, Димовски, оцени дека денеска само бил спроведен законот.
Денешната еуфорија ќе спласне откако ние ќе ги видиме ефектите што ќе биде на апелација и да бидеме искрени во вакви големи случаи се прават и ненамерни грешки, има простор за интервеција од повисоки судови. Но, во некои случаи има и класична политичка интервенција од високиот суд за враќање назад на предметот. Затоа за секоја власт ако земете наназад, судството е перфектно и тоа не смееме да го игнорираме, секогаш кога е во опозиција истата партија, судството не и чини, рече Димовски.
Димовски не верува дека правдата конечно дошла со пресуда во, како што го нарече, кампањски предмет.
Додека судот од внатре не покаже дека е подготвен да донесе правда, до тогаш не можам да верувам во ова што го слушам, сите овие изблици дека добивме правда. Не, не сме добиле. Не сум убеден дека кампањски предмет е правда. Имаме само неколку предмети со толкави казни. Сакам само да ве потсетам за еден помал случај, сообраќајката кај Млечен. Видовме каква беше казната, по толкави реакции во јавноста апелација интервенираше па ја смени. Што значи дека тој суд, утре може да донесе пресуда во сосема банален случај, каде што сите ние ќе го нападнеме и ќе викаме дека пак не чини, вели Димовски.
Тој потенцира дека се додека во јавноста не се изгради перцепција дека судот навистина одвнатре се организирал и размислува така како што е словото на законот, не верува дека секој ден ќе добиваме пресуди на кои ќе воскликнуваме дека дошла правдата.