Македонија Топ вести

Растат бројките на новозаразени – британската мутација на Ковид најзастапена

Британската мутација на Ковид е виновна за 70% од новите случаи на зараза. Се шири многу побрзо отколку обичниот вид на вирусот, а лабораториите веќе пријавуваат дека е детектирана кај огромен број од позитивните лица.

Министерот за здравство оценува дека тоа е една од причините за драстичното зголемување на бројот на новозаразени.

Само вчера, епидемиолозите од Институтот впишаа 725 новозаразени што е повеќе од 20% од направените тестови.

„Навистина има зголемување на бројот на заболени. Во овој момент сѐ уште траат испитувањата во лабораторијата во МАНУ, но во текот на вчерашниот ден имав разговори со претставници на лабораторијата од болницата „Жан Митрев“ каде што британскиот сој е присутен во 70% од новозаразените. Очигледно е дека бројот се зголемува и очигледно е дека еден дел од ова зголемување на бројките се должи и на присуство на тој сој на вирусот за којшто знаеме дека полесно се пренесува“ изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Поголемиот дел од раѓаните се свесни дека тешкиот период со вирусот не е минато. Повеќето од нив се одговорни и цврсто се држат до мерките и препораките, но свесни се и за непочитувањето на истите – насекаде околу нас.

„Не што нѐ плаши туку сите сме преплашени. На што се должи тоа? Најпрво, народот не е дисциплиниран. Второ, државата не се зафати како што треба со оваа проблематика. Вакцини нема!“

 

„Се опуштија луѓето. сЕКОЈ ТРЕТИ-ЧЕТВРТИ ГРАЃАНИН Е БЕЗ МАСКА. Како може тоа?!“

 

„Пораздвижено е за разлика од претходниот период. Мислам дека луѓево почнаа малку по малку да се опуштаат.“

Информациите од надлежните се дека порастот на случаи значи и нови хоспитализации. Болничките капацитети сепак не се загрозени и болниците се подготвени за секое можно сценарио.

Се чуваат списоците за ротации на кадарот, а одделенијата на Клиниките веднаш може да се пренаменат во Ковид-центри повторно.

Доктор Злате Мехмедовиќ вели дека ова зголемување на бројот на новозаразени сепак е очекувано.

„Тоа е нешто што го очекуваме со оглед на тоа што неколку месеци наназад алармиравме за појавата на новите варијанти на вирусот коишто се многу полесно преносливи и коишто може да предизвикаат во некои случаи и потешка клиничка слика и поголем број на смртни случаи. Тоа нѝ се случува во последниот период. Барем во последните два дена го гледавме тој тренд на пораст на новозаболени. Капацитетите се сѐ уште тука, функционални, персоналот веќе го има искуството на работа со Ковид-пациенти и доколку има потреба бројот на легла ќе се зголеми драстично, некогаш во вакви случаи може да се зголеми и за четирипати. Знаеме дека е тешко, знаеме дека тешко се обезбедуваат вакцините. Во светот постои еден нов тренд на вакцинонационализам каде што секоја земја се труди колку што е можно повеќе да прибере вакцини за себе и за своите граѓани и да извакцинира колку што е можно повеќе, за да го амортизира овој трет бран којшто веќе нѝ се најавува во наредните месеци, со појавата на новите мутации“ изјави д-р. Злате Мехмедовиќ, супспецијалист пулмолог.

Во однос на руската вакцина – Владата му дала овластување на министерот за здравство да го потпише договорот. Се подготвува набавка на сто илјади вакцини од „Спутник“ – покрај сите други коишто се договорени, но сѐ уште се очекува да пристигнат во земјава.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тетово продолжува да се гуши во сообраќајниот  хаос

Дејан Дејан

Пациентите на Онкологија се соочуваат со недостиг на таблетарна хормонска терапија

Дејан Дејан

Се крои план за цените – Мицкоски: Црешите се скапи поради студот кои го доживеаја

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе