Мијалков најден, тој има своја верзија за случувањата, премиерот и владата имаат друга верзија за бегство. Очигледно постои ненавремено постапување на надлежните институции за спроведување на законот, оценува поранешната врховна судијка Вера Коцо.
Телма контактираше и со други истакнати правници, но четворица од нив не одбија за изјава бидејќи како што објаснуваа не сакаат да коментираат воопшто ситуација како што беше бегството на Сашо Мијалков кое заврши со хепиенд. Премиерот Заев пак истакна дека поради големите теренски активности предводени од него, Мијалков немал друга опција освен да се појави во обвинителството.
Координација не прави еден човек, вели судијката Коцо и се чуди како во состојбата се измешале активности на извршната со оние на правосудната власт.
Судијката Коцо, но и јавноста очекуваат нови и точни детали што се случувало и како е решена ситуација со бегството. Вчера мистерија додаде и министерот Спасовски кој рече дека уште во петокот, ден пред тоа да го стори, член на владата добил дојава од обвинител за можно бегство на Мијалков. Но детали не даде.
Доколку состојбата со бегството не се решеше ќе предизвикаше нови проблеми на европскиот пат поради неспособното судство, смета Коцо.
Миомир Серафиновиќ