Свет Топ вести

САД одбележаа црн смртоносен биланс од Ковид -19 – повеќе од половина милион жртви во пандемијата

Со специјална церемонија во Белата Куќа, Американскиот претседател, Џо Бајден, го одбележа минатата ноќ, како што рече, мрачниот и тежок смртоносен биланс од над половина милион жртви од пандемијата Ковид -19 во Соединетите американски држави.

Обраќајќи и се на нацијата која има најмногу жртви од корона вирусот, Бајден изјави дека бројот на изгубени човечки животи во глобалната пандемија е поголем од збирот на американските жртви во првата светска војна, втората светска војна и војната во Виетнам.

“Луѓето кои ги изгубивме беа извонредни. Тие опфаќаа генерации. Родени во Америка, емигрирани во Америка. Но, за жал, голем дел од нив го земааа својот последен здив во Америка. Како нација, ние не можеме да прифатиме таква сурова судбина. Иако се боревме со оваа пандемија толку долгу, мора да спречиме да останеме без чувство на тага. Мора да одолееме да го гледаме секој живот како статистика или само дел од вестите. Мора да направиме тоа, за да им оддадеме почит на жртвите, но подеднакво важно, да се грижиме за оние кои ги изгубивме” – изјави Бајден.

Претседателот Бајден и потпретседателката Харис, заедно со своите брачни партнери, потоа одбележаа и минута на молчење пред Белата Куќа, во церемонијата на палење свеќи за починатите.

Покрај рекордниот број на смртни случаи во пандемијата, Соединетите американски држави, имаат и рекорден потврден број на инфекции од корона вирусот кој изнесува 28 милиони и 100 илјади луѓе.

Бајден нареди и сите американски знамиња на федералниот имот да бидат спуштени на половина копје во наредните 5 дена, во знак на почит кон загубените животи во пандемијата.

Во обраќањето до нацијата, Бајден исто така зборуваше и за личната трагедија која тој ја доживеа со смртта на својата прва сопруга и ќерката- бебе во судир на автомобили, како и подоцна на својот возрасен син, кој почина од рак на мозокот.

Знам колку е тешко и болно, но за да заздравиме, мора да се сеќаваме.

“Бараме од вас да ни се придружите, да се сеќавате за да може да заздравиме, да најдеме смисла во работата која е пред нас, да покажеме дека има светло во темнината. Оваа нација повторно ќе се смее. Оваа нација повторно ќе има сончеви денови пред неа. Оваа нација ќе се радува повторно. Додека го правиме тоа, ќе се сеќаваме на секоја личност која ја изгубивме, животите кои ги живеа, саканите кои ги оставија” – вели Бајден.

Претставниците на Белата Куќа соопштија дека 500-тини свеќи биле поставени на скалилата и балконот од објектот да ги претставуваат 500-тината илјади животи изгубени заради Ковид-19.

Смртоносниот биланс во САД е далеку најголем во светот и опфаќа речиси 20 проценти од вкупниот број жртви кој е речиси 2,5 милиони човечки животи. Вистинската бројка сепак се претпоставува дека е многу повисока, во најголем дел заради тоа што голем број случаи беа игнорирани на почетокот од пандемијата.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Неуспешна прва рунда од преговорите за мир во Украина

Дејан Дејан

Во сабота во Градски парк настан на кампањата „Крени глас“ на Макпетрол – „Со позитивна енергија против врсничко насилство“

Дејан Дејан

Билатералните теми да не бидат пречка на европскиот пат, вие имате уште реформи – пораки на Мајнл–Рајсингер, МНР на Австрија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе