Сашо Мијалков е дома, од вечерва во притвор. Донесен со возила на полицијата, следени од неговите телохранители и адвокатите. Куќата на „Салвадор Аљенте“, на Водно во наредните триесет денови ке биде под видео и аудио надзор, барем така пишува во решението кое конечно му го врачи обвинителството. Претходно во организиран криминал и корупција три часа го чекаше новото решение во кое е исполнет неговиот услов, наместо на адресата по лична карта, сепак мерката да ја издржува на адресата каде живее. А тоа беше едно од барањата кое тој ги испорачал на обвинителството пред самиот да се предаде. Русковска не се видела со него вечерва, оти други обвинители ја водат постапката, но вели среќна е што се појавил.
Искрено се радувам што обвинетиот се пријави. прати порака преку други дека сака да се пријави и само во обвинителството за организиран криминал и корорупција. се консултирав со јавниот обвинител на рсм дали да прифатиме или сепак да се пријави во полиција, изјави таа.
А Мијалков попладнево сам се појави пред обвинителството. Следен од една новинарска камера и даде една изјава. Дека не знаел што се случува претходниве два денови. Се изолирал оти имал тешки симптоми на корона вирус, кој патем го прележа во октомври лани.
Бев изолиран затоа што имав симтпоми на корона, со 40 температура, главоболки и тоа беше причина зошто сакав да се изолирам од семејството, па вчерашниот ден го поминав во изолација, изјави Мијалков.
Обвинителството тврди дека денеска баш пред да се појави Мијалков одлучило да ја повлече жалбата со која сепак инсистираше на затворски притвор. Според Рускоска ова го предложил претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев а нејзе ѝ е логично. Сега размислува дали обвинителството треба повторно да бара затворски притвор за Мијалков оти олеснителна околност е што сепак се вратил.
Ќе размислиме дали да побараме затворски притвор. Цел ден беше бурен. Со колегите ќе одлучиме, но сепак олеснителна околност е што сам се пријави, рече Русковска.
Пресудата за „Таргет Тврдина“ е в петок. Во мегувреме Мијалков останува во домашен притвор, а меѓународната потерница која беше распишана по него експресно е одстранета од сајтот на МВР. Беше на сила 48 часови колку што му беше потребно време на еск началникот на УБК како што тврди да дознае за неа.
Билјана Николовска