Средните училиштата веќе ги добија насоките за изменетиот концепт за полагање на државната матура.
Концептот за полагање државна матура опфаќа два екстерни, два интерни предмети и проектна задача и тие формално ќе бидат интегрирани во новиот формат на пријавите. Од утре Државниот испитен центар ќе ги објави новите пријави за предметите, во кои што ќе бидат вклучени и можностите за промени.
- До 24 март ќе бидат направени измените и во Концепцијата за државна матура, училишна матура и завршен испит во јавните средни училишта, како и во Календарот за организација на активностите. Почитувајќи го правото на повторен избор на предметите, согласно Концепцијата, најдоцна до 5 март, матурантите ќе имаат можност да направат промени на предметите и да ги исполнат законските обврски за полагање во јунската испитна сесија,велат од Државниот испитен центар.
Незадоволни од моделот за полагање државна матура кој предвидуваше полагање 4 испити, а не 2, како што бараа, матурантите предводени од Сојузот на средношколци ја бојкотираа наставата од првиот ден на второто полугодие, минатиот месец. По разговорите со претставници од Владата и премиерот Заев, минатата недела беше постигнато компромисно решение за полагање два екстерни и два интерни предмети и формирање работна група од Бирото за развој на образованието и од Сојузот на средношколци, во вклучени наставници, која ќе одлучува за кратење на програмите за екстерните испити. А, полагањето на матурата е одложено за една седмица. Па, на место на 29 мај, ќе се полага на 5 јуни.
Сотир Трајков