Два екстерни и два интерни предмети ќе полагаат матурантите, формирање работна група од Бирото за развој на образованието и Сојузот на средношколци, во која ќе има и наставници, која ќе одлучува за кратење на програмите за екстерните испити и со која ќе претседава претставник од кабинетот на премиерот е компромисното решение кое го постигнаа Владата и Сојузот на средношколци. Полагањето на државната матура се одложува за една недела – наместо на 29 мај, ќе биде на 5 јуни.
Низ дијалог најдовме квалитетно компромисно решение со кое се гарантира квалитет на матурскиот испит со кој се овозможува секој матурант да може да се запише на факултет овде во државата и надвор од неа. Потребно беше прилагодување на концептот на државната матура заради влијанието на пандемијата на образовниот процес, и врз основа на заедничката размена на аргументите и следејќи го примерот од останатите европски држави за нас е прифатливо сѐ што е во нивна полза, порача премиерот Зоран Заев.
Ходаи ги соопшти и останатите нивни барања кои беа прифатени работната група да ја заврши работата најдоцна до март, материјалите за испитите да им бидат достапни на учениците најмалку три недели пред испитот. Банките со прашања да содржат најмалку 60, а најмногу 100 прашања. Во компромисното решение е и начинот на добивање поени за интерните испити, додека екстерните испити ќе се полагаат по скратени програми.
Сега ќе се земе предвид оценката од испитот и просекот по предметот како основа за добивање на поените. И оценката и просекот ќе учествуваат подеднакво. Овој компромис со овие промени десет на број во основа е олеснување кое го зачува квалитетот на образованието и интересот на нашите матуранти. Заслужено олеснување кое соодветствува на вонредните услови во кои се одвива наставата, рече Ходаи.
Во минатите години матурантите требаа да полагаат три екстерни и еден интерен испит, но поради новонастанатата ситуација тие упатија свои барања до Владата и МОН за компромисно решение кое конечно денес го постигнаа по бројните преговори.
Нина Стефанова