Со изборот на владиката загрепско-љубљански Порфириј за 46-ти поглавар на Српската православна црква, вонредниот Собор, што се одржа во Храмот на Свети Сава заврши нешто пред 16 часот, јави Танјуг.
Присутните членови на Соборот гласаа за тројца кандидати, а најголем број гласови доби владиката Порфириј – 31, владиката Бачки Иринеј доби еден глас помалку, а бањалучкиот владика Јефрем 25 гласови.
Меѓутоа, изборот на поглавар на Српската православна црква беше решен со апостолски жреб, а ковертот со името на владиката Порфириј го извлече монахот Матеј.
Свеченото востоличување на новиот патријарх е закажано за утре во Соборната црква во Белград, каде што тој ќе одржи воведен говор.
Следниот Собор треба да се одржи во мај, кога ќе бидат пополнети испразнетите места во епархиите.
Порфириј и пред изборот важеше за сериозен кандидат поради својата силна позиција внатре во СПЦ, но и поради нескриената блискост со актуелната власт и со претседателот Александар Вучиќ. Спаѓа во редот помлади епископи во СПЦ, а роден е на 22 јули 1961 година, по основното и средно образование дипломирал на Православниот богословски факултет во 1986 година.