Новите лабораториски студии покажуваат дека вакцините на Фајзер/Бионтек и на Модерна штитат од нови мутации на коронавирусот, пренесуваат американските медиуми. Резултатите од студијата на Фајзер и универзитетот во Тексас откриваат дека вакцината на Фајзер може да ги заштити луѓето од новите мутации на коронавирусот, вклучувајќи ја и јужноафриканската. Студијата е спроведена со примероци на крв од 15 лица кои примиле две дози на вакцина како дел од клиничко испитување.
Во Бразилскиот град Серана започна амбициозната кампања за вакцинирање на 30.000 од 50.000 жители на градот, што ќе им овозможи на властите да го анализираат влијанието на имунизацијата врз пандемијата.
Ова ќе ни овозможи подобро да разбереме што се случува со вакцинацијата, но исто така и со епидемијата. Колкав ќе биде бројот на заболени, потребите на болниците, кои се ресурсите што ги имаме во залиха. Повеќе одговори кои до сега ги немаме добиено на ваков организиран начин и со ваква студија, рече директорот на Институтот Ботантан Димас Ковас.
Додека властите го започнаа ова енормно клиничко испитување, полицијата во Рио де Жанеиро отвори истрага откако на социјалните мрежи се појавија видеа од здравствени работници кои вакцинираат стари лица со целосно празен шприц. Во државата Рио има најмалку три случаи на, како што локалните медиуми ги нарекуваат „инекции со воздух“, во кои здравствените работници вакцинирале од празни шприцеви. Вмешаните во измамата биле отпуштени, а постарите луѓе кои примиле лажни вакцини подоцна биле вакцинирани, соопштија здравствените власти. Доколку полицијата утврди дека вакцините се пренасочени на друга страна, вмешаните во тој скандал може да се соочуваат со 12 години затвор.
Контроверзии има и во САС, каде федералната полиција заплени повеќе од десет милиони фалсификувани заштитни маски N95 како резултат на истрага спроведена во најмалку пет сојузни држави. Маските се продавале на болници, медицински установи и владини агенции и се проценува дека има околу 6.000 потенцијални жртви на измама во 12 американски држави. Злоупотребата, според полицијата била можна затоа што многу болници, поради недостиг, се повеќе ги заобиколуваат вообичаените процедури за набавки и маските а и останатата заштитна опрема ја набавуваат надвор од вообичаениот синџир на снабдување.
Игор Трајков