Македонија

Нема каде да се избега од студот – „жолта фаза“ и температури и до -18 Целзиусови степени

Од студот денес – нема каде да се избега. Македонија утрово се разбуди во „жолта фаза“. Температури далеку под нулата и аларм со препораки од надлежните институции.

Населението мора да се заштити од премрзнување.

„Една од основните препораки на здравствените власти е да се избегнува излегување на отворено, но бидејќи ние, и голем број од граѓаните не можАТ да ги заобиколат обврските надвор – преостанува да се снаоѓаме со повеќе слоеви облека на нас.“

Мразот и замрзнатите остатоци од наталожениот снег на скопскиот асфалт само малку асоцираа дека температурите во еден момент спаднаа и до минус осумнаесет Целзиусови степени под нулата.

Секој некаде брза, автобусите полни – а, автобуските постојки низ центарот на градот раздвижени како и секое вообичаено утро.

Граѓаните се свесни дека денес сме во таканаречената „жолта фаза“, но не можат ништо повеќе да направат – од тоа да ги почитуваат најосновните препораки, колку што можат.

 

„Седење дома, топли напитоци, редовна терапија за хронично болние. Тоа е тоа.“

 

„А, што да правам?! Морам да одам на работа.“

 

„Убаво сум облечена, адекватно на временските

услови. Пијам чајче.“

 

„Потопла облека и чај. Тоа мора.“

Минусните температури ги мобилизираа и во Црвениот крст. Мораат да се справат со големиот број бездомници кои не смеат да останат на улица барем додека надвор е неиздржливо ладно.

Во Скопје има околу 150 бездомници – згрижени на повеќе различни места. Само дел од нив се во стационарот во Момин Поток.

„Тоа не значи дека останатите бездомници ќе ги оставиме на улиците. За сите останати бездомни лица коишто нема да бидат сместени во сите тие сместувачки капацитети во пунктот за бездомници има две опции – со проценка на социјалниот работник и на психолог, Црвениот крст да им најде соби и да им плати месечни закупнини на овие лица додека траат екстремно ниските температури во зимскиот бран во декември, јануари и февруари. Втора опција е транзитната соба којашто ја отвори Црвениот крст на почетокот на декември, кога се правеа сите тие подготовки пред да почнат студените денови“ изјави Драгана Лазаревска, координатор на пунктот за бездомници на Црвен крст во Момин Поток.

Ладните, минусни температури ќе траат цела недела. Мало затоплување ќе има дури следниов викенд, проследено со дождови.

 „Во текот на денот ќе се задржи претежно сончево и стабилно време со мала локална облачност како и слаб ветер од северозападен правец. Дневната температура на повеќе места ќе остане под нулата, односно ќе се движи во интервал од -5 до 3 целзиусови степени. Во текот на следните денови до сабота, ќе се задржи студеното време со особено ниски утрински температури. Почнувајќи од четврток ќе имаме благо покачување од четврток па натаму. Ќе имаме пораст кај дневните температури, но утринската температура се уште останува релативно ниска. Околу викендот ќе имаме зголемување на облачноста. Облачноста ќе нѝ донесе нешто повисоки температури – како во утринските часови така и во текот на денот, но под влијание на влажен воздушен бран очекуваме повторно врнежи. на пониските места врнежи од дожд, а на повисоките места врнежи од снег“ изјави Елена Манојловски, презентер на временска прогноза.

Комисијата за превенција од штетни ефекти од студени бранови периодов препорачува избегнување алкохол, бидејќи го зголемува ризикот од хипотермија.

Во случај на некакви потешкотии со дишењето, стручните лица препорачуваат граѓаните веднаш да се јават кај матичниот лекар.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Собранието го изгласа Азир Алиу за нов министер за здравство

Дејан Дејан

Младите од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за пиротехниката

Дејан Дејан

Приведен струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе