Како на бавен филм – возачите со автомобили трпеливо го пробиваа патот низ снегот натрупан на асфалтот. На тротоарите како во бајка – недопрена снежна покривка и по некој човек што бавно остава стапки.
Слично и на автопатите – некаде исчистено, а некаде бела покривка. Патарината речиси целосно завеана во обилните врнежи од снег.
Вака започна утрото по врнежите коишто не престанаа цела ноќ. Им се отвори работа на надлежните претпријатија, а резултатите од нивните теренски активности се видоа дури денес околу пладне.
Доцна синоќа, а и рано наутро не се гледаше каде и дали воопшто поминале машините за расчистување на снегот.
Таква забелешка дадоа и поголемиот дел од граѓаните коишто ги анкетиравме.
„Морам да одам по главна улица, ќе ме згазне кола. Тоа значи дека патот воопшто не е расчистен. Штом ќе падне снег, нека се фрли малку сол. Да го снема снегот.“
„Толку нѝ се можностите и силите. Ние не сме Запад за сѐ да функционира како што треба. Според нашите можности – тоа е!“
„Младите не чистат снег, па што да очекуваме од другите?! Ќе си се стопи снегот.“
„Не е исчистено, можеби ги фати недела неработен ден.“
„Исчистено е само на главната улица, по другите улици не е.“
Обврската за расчистување на натрупаниот снег е обострана – и на институциите, но и на граѓаните. Телма на терен низ скопските населби сними луѓе коишто со лопати ринеа пред своите дворови.
Некои можеби веќе ја завршиле таа обврска па сега со децата уживаа во прошетка и се санкаа – среде улица како во ски-центри, а ги наполнија и парковите.
Санкање, мавање со топки и правење снешковци. Омиленото место на скопјани во секое годишно време, Градскиот парк и денес полн со посетители.
Големите булевари веќе се лесно проодни. Од Град Скопје информираат дека точно илјада тони сол е фрлено на улиците.
„Интервенирано е на сите мостови, клучки, надвозници, подвозници и високи зони, како и на сите таканаречени „црни точки“ во градот и критични точки на градските сообраќајници. Апелирано е и до сите стопански субјекти во градот и до сите граѓани, кога ќе падне снег да ги почитуваат законските обврски и да го расчистуваат снегот и мразот од пристапите до нивните деловни и станбени објекти“ велат од Град Скопје.
Од УХМР информираат дека студеното време ќе се задржи и во следните денови, со минусни температури и силни ветрови.
Затоплување, иако не драстично, нѐ очекува дури од четврток.
Петар Догов