Ковид19 Македонија Најважни

Стигнаа први анти-корона вакцини во Македонија, полна кутија за лекарите и сестрите од ковид-одделите дочекана на високо владино ниво

Опколени со камери, фото-апарати, полицајци и цариници, политичари – кутијата со 4.680 вакцини на Фајзер, први анти-корона вакцини утрово стигнаа во Македонија. Со специјален превоз, но и во  специјална кутија со сув мраз. Специјален беше и пречекот и покрај арктичкото време.

Македонската делегација домаќински голема, премиер, прв вицепремиер, ресорниот министер за здравство Филипче, но и министерот за внатрешни работи, а стигнаа и пратеници од Куманово и градоначалникот на скопски Центар. Новинари и од двете страни на границата го исполнија преминот, а потоа стигна српската поскромна ама на високо ниво донаторска поворка. Претседателот Александар Вучиќ и српскиот министер за здравство Златибор Лончар. Во колоната и белото комбе со вакцини.

Заев благодарен и задоволен откако првите вакцини стигнаа, Вучиќ се пожали дека биле напорни  преговорите со Фајзер, а добрососедската соработка ја зачини и со англиска поговорка.

Првата донација беше најавена со бројка од 8 илјади вакцини, а кога нови вакцини од Србија ќе бидат пратени не се знае иако српските власти сметаат дека ќе биде наскоро откако се исполнети условите на Фајзер.

Тешките и долги маки до првите вакцини завршија, а нов предизвик е успешна имунизација против короната- први пациенти ќе бидат медицинарите од првата линија на анти-ковид фронтот.

По неколку прашања и одговори за идна успешна соработка на Балканот и во мини-Шенген процесот, темературата од -15 целзиусови го направи своето.

Кутијата при префрлањето не смееше да падне или да се спушти на земја и снегот туку мораше да заврши во комбето на трансфузиологија. Откако успешно беа пренесени, транспортот почна, а вакцините добија и полициска придружба за побрз пат до Скопје. Денешната донација е доволна за околу 2300 луѓе.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мицкоски ја обвини СДСМ за некрофилија, најави епски проект за Кочани и рече дека извештајот во ЕП ќе биде изгласан

Дејан Дејан

Растат тензиите Трамп ја распоредува Националната гарда

Дејан Дејан

СДСМ обвинува за партиски вработувања во РЕК Осломеј

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе