Апелациониот суд ги намали за една до две години затворските казни на осудените за крвавиот четврток. Со тоа ја потврди првостепената пресуда по однос на вината за стореното кривично дело но делумно ги уважи жалбите на обвинетите за случајот „27 април“. Ја потврди и ослободителната пресуда за оперскиот пејач Игор Дурловски и покрај тоа што обвинителството се жалеше.
Сега преиначена е пресудата на Митко Чавков кој наместо првичните 18 ќе одлежи 16 години в затвор. Влатко Трајковски и Никола Митревски – Кољо се осудуваат на казна затвор во траење од по 14 години а првостепено биле осудени на по 15 години. На по 13 години затвор се осудуваат и Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски – Леви, Мунир Пепиќ, Јане Ченто и Вилијам Михајловски на кои првостепените казни им биле по 15 години освен на Михајловски 14.
Оливер Поповски, Младен Додевски, Горанче Анѓеловски и Игор Југ се осудуваат на казна затвор во траење од по 11 години и ним казната им е намалена за една до две години. Обвинетиот Оливер Радулов се осудува на казна затвор во траење од девет години а претходно добил 10 годишна затворска казна. Александар Василевски Нинџа се осудува на казна затвор во траење од седум години и нему првичната пресуда му е намалена на една година а истото е и со Абдуљфета Алими кој сега е осуден на шест годишна затворска казна.
Сите се осудени за терористичко загрозување на уставниот поредок за инцидентите кои се случија пред три години во собранието. За организаторите на овие настани се уште се води судскиот процес.