Македонската кошаркарска репрезентација ги продолжува подготовките за завршниот настап во квалификациите за Европското првенство.
Нашиот состав во Перм ќе одигра четири натпревари од кои клучен оној со Естонија, но избраниците на селекторот Александар Тодоров во сите дуели ќе влезат со максимален мотив за победа, а се со една цел, да се обезбеди настап на континенталниот шампионат.
“Непишано правило во спортот е дека секогаш кога се прават некои математики крајниот резултат никогаш не излегувал како што се посакува. Како и да е, ние од првиот натпревар со Италија, па се до оној со Естонија, ќе влеземе максимално подготвени. Со сите ќе играме максимално, па здравје боже, ако добиеме еден од првите три натпревари тогаш можеме да направиме некои калкулации да бидеме поодморени, посвежи за тој натпревар со Естонија. Но пак ќе кажам, не зависи се од нас. Може и Естонија да изненади и да победи со Италија или Русија. И на крајот математиките да останат само математики”, рече Бојан Трајковски.
Темпото во Русија ќе биде жестоко, противниците квалитетни, но оваа генерација ќе се обиде конечно Македонија повторно да ја врати меѓу елитата на Стариот континент.
” Треба добро да се подготвиме во овие десетина дена. Олеснителна околност е што со една организација на повисоко ниво од страна на федерацијата, ни е овозможено чартер лет. Добиваме на време, ќе бидеме одморени во Перм , и таму четири-пет дена да се подготвуваме . Секој натпревар ќе биде приказна сама за себе. Одиме подготвени на секој натпревар. Пак ќе кажам, математики нема да правиме. Се надевам дека сите мои соиграчи размислуваат исто како мене за ова. Ќе влеземе максимално во секој меч.
Јас сум оптимист, во секој поглед. Дури сум оптимист уште за првиот натпревар на турнирот во Перм, со селекцијата на Италија. Затоа што во претходниот период не бевме комплетни. Затоа што сите овие последни седум-осум години како генерација не бевме комплетни. Се надевам дека сега тоа ќе биде така. И дека ќе дадеме максимум на крајот ќе се радуваме сите заедно, дај боже, на тоа европско првенство“, заврши Трајковски.
Македонската селекција за Перм патува в понеделник, а не очекуваат два меча со Италија и по еден против Русија и Естонија.
ФОТО: Игор Паневски