Македонија Најважни

Од шега до полициска станица – креаторот на vaksajns.mk повикан на разговор

Шегата со зборот „ваксајнс“ откако премиерот така ги изговори вакцините на англиски јазик го одведе во полициска станица креаторот на доменот vaksajns.mk.

По влез на страницата, истата пренасочува на официјалниот сајт за регистрација за вакцина.

Креаторот сето тоа го направил заради сатира откако ја слушнал изјавата на премиерот. Ова денес мораше да им го објаснува на инспекторите за компјутерски криминал во полициската станица во Карпош, каде што се задржал помалку од еден час.

„Утринава ме барале дома, па после ми се јавија и телефонски ме повикаа во полициска станица. Значи за многу кратко време, околу 24 часа откако е регистриран доменот властите веќе ме најдоа и ме поканија и јас бев на разговор кај нив. Им го објаснив тоа дека нема основ пријавата затоа што јас воопшто не ја чепкам содржината помеѓу доменот vaksajns.mk и сајтот на Министерството за здравство. Јас само со стрелка кога некој во интернет прелистувачот ќе напише vaksajns.mk, му покажувам да оди накај Министерството за здравство. Многу сум свесен за тоа што сочинува криминал, а што не сочинува и дефинитивно сум многу убеден дека ова не сочинува никаков криминал, на никаков начин. Постојат технички можности – ако на Министерството за здравство им пречи моето редиректирање (пренасочување), да ми го исклучат тоа право“ во изјава за Телма кажа Адил Бакиу, систем адиминистратор.

Oд МВР потврдуваат дека креаторот бил повикан на разговор по пријава на Министерството за здравство.

„По добивањето на пријава од Министерството за здравство во врска со овој случај, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика веднаш презеде соодветни мерки и активности, лоцирано е лицето и повикано во полициска станица Карпош, со цел расчистување на овој случај. По расчистувањето, соодветно ќе ја известиме јавноста за исходот“ изјави Тони Ангеловски, портпарол на Министерството за внатрешни работи.

Веб-страницата не е хакирана ниту пак станува за упад во неа, е ставот на Министерството за здравство од каде што објаснуваат зошто го пријавиле случајот во МВР.

Министерство за здравство: „Оваа лажна веб-страница ги доведува во заблуда граѓаните кои сакаат да пополнат апликација со што ќе искажат интерес за вакцинација против Ковид 19, и поради тоа случајот утрово беше пријавен во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР“ е ставот на Министерството за здравство.

Во меѓувреме, повеќе од 20 илјади лица се регистрирале како заинтересирани за примање на вакцина на официјалниот сајт, vakcinacija.mk.

И денес е очигледен големиот интерес за аплицирање затоа што повторно сајтот најпрво ве сместува во виртуелна чекална пред да ви овозможи да ги пополните задолжителните полиња со лични информации.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

СДСМ обвинува за партиски вработувања во РЕК Осломеј

Дејан Дејан

Пониква за престој на пациентите кои го преживеаја пожарот во Кочани

Дејан Дејан

Конфедерацијата на синдикални организации на чекор до Економско-социјалниот совет

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе