Матичните лекари ќе бидат линкот преку кој министерството за здравство ќе ги повикува граѓаните на нивниот термин за вакцинација од Ковид-19, со користење на системот „Мој термин“. Телма неофицијално дознава дека освен овој начин за граѓаните ќе биде овоможена и он-лајн регистрација за вакцинирање, а граѓаните ќе немаат можност да бираат со која вакцина ќе се вакцинираат. Повеќе детали за вакцинацијата Министерството за здравство најави дека ќе соопшти утре.
Со повики од матичниот лекар ќе се информираат граѓаните кога им е терминот за вакцинирање од Ковид-19. Досега на овој список се имињата на околу 14.000 лица од над 70 години, кои се предвидени за вакцинирање во првата фаза од вакцинацијата, пред се поради високиот ризик од компликации и степен на смртност од вирусот. Возраста и хроничната болест се примариот критериум врз кој се правата списоците за вакцинирање на граѓаните.
„Списоците се веќе направени врз основа на критериумите, а во тие критериуми се ризичните групи. Значи возраста и хроничната болест, односно типот на хроничната болест според која што се дава приоритет “, вели министерот за здравство, Венко Филипче.
Сепак освен списоците кои ги подготвува министерството за здравство, Телма неофицијално дознава дека, освен овој начин на повикување на граѓаните за вакцинација, ќе постои и можност и за он-лајн регистрација за вакцинација.
Телма денеска побара детали за начинот на кој се прават списоците, поточно дали е готова листата на здравствени состојби и хронични болести по кои ќе се прават приоритетните листи, како ќе се контролира повикувањето на граѓаните од матичните лекари, но и дали ќе имаат граѓаните можност да бираат со која вакцина ќе се вакцинираат. Од министерството за здравство добивме одговор дека за сите детали ќе информираат на прес-конефернцијата закажана за утре.
„Во текот на денешниот ден се финализираат сите детали околу Национланиот план за вакцинација и регистрација на лицата за истата. Утре министерот со претставници на Министерстовот ќе ги презентираат во јавност на прес-конференција сите детали околу процесот“, стои во одговорот од министерството за здравство.
Во очекување на деталите за организирањето на најмасовната вакцинација во земјава, Телма сепак неофицијално дознава, дека граѓаните нема да можат да бираат со која вакцина ќе се вакцинираат, туку со оние кои се на располагање кога ќе им дојде редот за вакцинација.
Бројот на вакцини пак кои се најавени дека ќе стигнат во февруари и во март, ќе го вклучи и механизам од Планот за вакцинација, за формирање на подгрупи во приоритетните група на граѓани за вакцинирање.
Со оглед дека во февруари се очекуваат да пристигнат 200.000 дози од кинеските вакцини за 100.000 граѓани, од кои 14.200 се резервирани за здравствените работници кои работата во болнички услови со висок ризик за стекнување на инфекција, како најприоритетни за вакцинирање, за втората по ред приритетна група која брои 170.000 граѓани за вакцинирање во првата фаза ќе останат околу 76.000 вакцини во две дози.
Оние кои нема да се најдат на списокот за во февруари, ќе ги чекаат вакцините на „Астра Зенека“ преку Ковакс механизмот од кои во март ќе бидат дистрибуирани меѓу 25 до 30 илјади дози, од вкупно 103.000 предвидени за Македонија во првите два квартали од годинава. Според бројките за достапност на вакцини во овој момент и овие дози нема да бидат доволни целосно да се покрие првата приоритетна група за вакцинирање на лица од над 70 години.
Со оглед и на тоа што се уште не е одлучено дали вакцината на „Астра Зенека“ ќе им се дава на лица постари од 65 години, можно и тоа да го смени редоследот на приоритетните групи за вакцинациија и со нив да се вакцинираат лицата на возраст од 20 до 65 години со коморбидитети и со значително висок ризик за стекнување на тешка болест, а кои според Планот се во втората фаза од вакацинацијата. Бројот на овие лица, според Националниот план за вакцинација, е проектирана на 100.000.
Тамара Грнчароска