Околу 30.000 жители од општините Македонска Каменица и Делчево секојдневно транзитираат по магистралниот пат од виничкото село Истибања до граничниот премин со Бугарија. Трета недела е активно свлечиштето кај местото Драките, на овој дел возилата и камионите возат по кал.
Возачите велат дека времето да поминат преку овие 49 километри е исто како да поминале 100 километри на друга делница. Минатата недела и карпа падна до возило во движење, за среќа возачот не е повреден, а возилото е со минимална материјална штета
Од Јавното претпријатие за државни патишта потврдуваат дека свлечиштето е се уште активно и нема услови за отпочнување на негова санација. Во првиот момент кога ќе се созададат услови ќе почнат со санацијата, за неа одвоени се еден милион денари.
Дотогаш за безбедно одвивање на сообраќајот направена е девијација (обиколница околу свлечиштето) која се одржува со тампонирање и за која е предвидено исто така да се асфалтира кога временските услови ќе бидат поволни. Карпите нема да се отстрануваат засега бидејќи служат како заштита од нови одрони, велат од ЈП за државни патишта.
Пред три години поранешните први луѓе на транспорт и на државни патишта посочија дека за оваа делница мора да се направи нова студија, а за санација на сите свлечишта потребни се од седум до осум милиони евра. Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски тогаш побара да се направи и проект за изградба на најстариот пат од Кочани за Делчево, кој е во должина од 30 километри, без свиоци и опасност од свлечишта, со што возењето ќе биде безбедно, а и побрзо ќе се пристигнува до граничниот премин со Бугарија.
Викторија Димитрова Јованова