ДУП-от на езерото Треска, каде Општината Сарај најави нова туристичка развојна зона сеуште е енигма. Градоначалникот Беџети е недостапен да каже што ќе се гради таму. А, од општината најавија дека тој утре ќе се произнесе на брифинг. Од Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје рекоа дека на денешната седница на Советот ќе побараат да се расправа за состојбата со езерото, но од Град Скопје одговорија дека таков предлог немало.
Иако е донесен пред крајот на минатата година, новиот ДУП-от за езерото Треска, кој предизвика лавина реакции во јавноста, сеуште е тајна. Градоначлникот на Сарај, Блерим Беџети и денеска беше недостапен за да ги каже содржните на ДУП-от, со кој крај езерото се најавува нова туристичка развојна зона со хотели, ресторани и казина. За сега, за проектот немаше презентација, ниту анкета, а ДУП-от не е објавен ни на општинската интернет страница, иако е обврска според Законот за урбанистичко планирање. Од Општина Сарај само кусо најавија дека утре Беџети ќе го претстави планот на брифинг со медиумите.
И додека јавноста чека информации, на терен багери од ЈКП „ Сарај“ веќе две недели ја уриваат старата инфраструктура и опрема, правејќи простор за претстојните градежни зафати. Незадоволни од одлуката на општината, за дислокација на камп приколките, сопствениците кои со години редовно плаќаа закупнина, деновиве на двапати протестираат и побараа средба со Владата, за надминување на проблемите. Апелираа да запре доставувањето на писмени известувања за дислокација на приколките до крајот на февруари и понудија алтернативни простори за новата турискичка зона, со задржување на нивните објекти. Од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во град Скопје рекоа дека на Треска во моментов се случува илегален грабеж и руинирање на она што претставува државна сопственост и заедничко добро на сите.
- Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата , во целост ги подржува барањата на авто камперите, и бара од градоначалниците на градот Скопје, општината Сарај и Владата, решавање на овој проблем. Воедно , во текот на денешниот ден, Советничката група ќе побара на тековната седница Советот на Град Скопје да расправа во однос на состојбата со езерото Треска.
Но, како што велат од Град Скопје , на седницата немало таков предлог. Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, го прозва градоначалникот на Сарај, да го објави ДУП-от за Треска и рече дека во концептот на развојната туристичка зона треба да се најде место и за камп приколките.
Со одлука на Владата од ноември 2013, надлежноста на езерото Треска од Град Скопје е префрлена на Општина Сарај. Иако работи на терен, општината сеуште чека одлука од Владата за прогласување на езерото Треска за развојната туристичка зона . Од Владата препорачаа, доколку во ДУП-от се предвидени локации за камперите, приоритет да добијат тие кои редовно плаќаат закупнина за земјиштето. Лани, Владата пренамени во градежно, дел од земјоделското земјиште околу езерото, за изготвување на ДУП-от, за новиот спортско – рекреативен центар на Треска.
Сотир Трајков