Исклучително вирулентната форма на корона вирусот, која првично беше детектирана во Обединетото Кралство а се прошири и во 50 други земји, за прв пат е детектирана и во нашата држава, потврди за Телма, министерот за здравство Венко Филипче.
Здравствени власти сега ќе проверуваат дали се присутни и повеќе други случаи од британскиот вирус во Македонија.
Станува за збор за случај на 46 годишен маж, кој веќе од 22-ри јануари се води и како оздравен.Тој на 4-ти јануари се јавил на преглед во приватната болница Жан Митрев, каде бил и хоспитализиран. На 15-ти јануари му бил направен уште еден тест, кој повторно бил позитивен.
Загрижувачка е информацијата која заболениот ја дал во епидемиолошката анкета, односно дека немал контакт со заболен, ниту пак патувал надвор од државата, што сигурира дека британската варијанта на корона вирусот е веќе присутна во заедницата.
Веста за новиот вид корона вирус прв ја соопшти британскиот министер за здравство, Мет Хенкок, на 14-ти Декември.
Првичните анализи сугерираат дека оваа варијанта се шири побргу од досега постоечките, предупреди тогаш Хенкок.
Подоцна британските научници потврдија дека новата мутација се шири околу 56% побргу и е причината за драматичниот раст на регистрираните случаи во Обединетото Кралство.
Мутираната варијанта бргу стана и доминантниот сој на корона вирусот во Велика Британија.
Целата држава сега е веќе во третата недела од својот национален локдаун и засега никој не знае до кога ќе останат на сила препораките за седење дома, како и кога повторно ќе се отворат училиштата.
Британија се соочува и со највисоката смртност по број на жители и веќе се регистрирани повеќе од 100 0000 жртви на корона вирусот. Под огромен притисок е и британското јавно здравство а сета надеж е во забрзаното вакцинирање на населението.
Никола Илиевски