Ветување дека политиката на проширување не е мртва и оти Македонија која остана заглавена на влезната врата на Европската унија има многу пријатели кои сакаат да ја видат како влегува во Унијата е заклучокот кој може да се изведе од соопштенијата за дводневната посета на двајцата министри задолжени за европското пристапување на земјава на Брисел. Мисијата на вицепремеирот за европски прашања, Никола Димитров и шефот на дипломатијата Бујар Османи за заживување на пристапниот процес на земјава опфати средби со високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Унија, Жозеп Борел, министерот за надворшени работи на Португалија – земјата претседавач со Унијата, Аугусто Сантош Силва, шефовите на дипломатии на Шведска и Финска, како и со претставници на Генералниот директорат на Европската комисија за соседство и преговори за проширување.
Но од средбите по кои немаше изјави за медиумите, а од некои дури ни фотографии, се лиферуваа соопштенија во кои генерално се наведуваат темите за кои било разговарано, но без повеќе детали за пораките кои ги добиле двајцата македонски министри. Па така со Борел се наведува дека било разговарано за иднината на политиката на проширување на ЕУ, пред сѐ во контекст на случувањата по усвојувањето на новата Методологија и усогласувањето на преговарачката рамка за земјава, при што било подвлечено дека Македонија има навистина голем број пријатели меѓу земјите-членки, чии интереси за иднината на Европа се совпаѓаат со македонските – целосно интегрирање на Западниот Балкан за конечно комплетирање на Унијата. Од Борел во соопштението се пренесува следното:
„Од страна на Високиот претставник Борел беше поздравено високото ниво на усогласување на Северна Македонија кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“, се наведува во соопштението до средбата со Борел.
Со шефот на португалската дипломатија Димитров и Османи пак разговарале за приоритетите на Португалското претседателство и очекувањата за процесот на проширување во претстојниот период. Притоа било отворено и европското досие на Македонија, за што биле разменети мислења за идните можни чекори кои би се реализирале под палката на португалското претседателство со Унијата.
„Силва потврди дека за Португалското претседателство процесот на проширување е важно прашање и дека во рамките на нивните надлежности ќе направат сѐ што е во нивна моќ, да се динамизира дијалогот за усогласување на Преговарачката рамка и формално да се отпочнат пристапните преговори меѓу Северна Македонија и ЕУ“, се наведува во соопштението испратено од макеоднската влада.
Иако главната пречка за стартот на преговорите со Унијата во декември беше блокадата од Бугарија, никаде во соопштенијата од средбите отворено не се споменува бугарското вето на преговарачката рамка за земјава и неговото надминување. Но од терминологијата употебена во соопштенијата како „усогласувањето на Преговарачката рамка за земјава“ може да се заклучи дека и оваа тема се нашла на маса со Борел и со Силва.
Средбите на Димитров и Османи на Брисел се одвиваа на маргините на вчерашниот Совет за надворешни работи на ЕУ, но освен за пристапувањето на земјава во ЕУ, тие во Брисел разговарале и со еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич околу помошта од Унијата за земјава за справување со пандемијата со Ковид-19, но и со Мирослав Лајчек, специјалниот претставник на Унијата за дијалогото меѓу Србија и Косово.
Тамара Грнчароска