Жителите и иселениците од рударскиот град Македонска Каменица повторно на дело ја покажуваат солидарноста и хуманоста. Се собираат средства, а во меѓувреме и тече изградбата на новиот дом на седмооделенката Амела и на нејзините родители во селото Тодоровци. Живеат во само 10 метри квадратни, во оваа соба спијат, готват, а Амела мора и да ја следи онлајн наставата. Условите за живот на ова семејство со поглед на езерото Калиманци се лоши.
Иако градбата е на самиот почеток, Амела се радува, а мајсторите кои работат велат дека и таа им помага за да се побрзо се изгради. Мајката на Амела е невработена, повремено е ангажирана во проектот „Зелена Македонија, додека нејзиниот очув е рибочувар. Минималните примања на ова семејство не им дозволуваат да имаа нормални услови за живот како во 21 век. Целата хуманитарна акција повторно ја води Дарко Гоцевски, кој вели дека на Амела веќе и се оставрени две желби, нови патики и детска соба, останува уште третата, но и да се приберат донации за да се заврши малата куќичка, во која што Амела ќе има своја соба за да учи.
Гоцевски досега на волонтерска база има организирано 10 хуманитарни акции, од кои досега преку нив нови домови имаат три семејства. Дарко вели дека целата оваа приказна со акциите почна пред неколку години со медиумска поддршка на Телма и на МЦМС.
Гоцевски забележува дека од тој ден до денес не престанува со акциите, го води само мислата да му се помогне на човек или на семејство кој е на мака. Смета дека и оваа ќе има успешен крај, а на седмооделенката Амела ќе и се оствари и желбата за компјутер. До нивниот дом општината наскоро ќе изгради и асфлатен пат.
Викторија Јованова