Манастирски, црковен, природен и културен туризам. Струмица и регионот изобилуваат со потенцијали за развој на локалниот туризам, но засега малку се користат за да привлечат гости. Во нив малку се вложува а посетите засега се неорганизирани и некоординирани. Струмичкиот археолог и истражувач Зоран Рујак кој неодамна ја објави книгата за Цареви кули во кои е собрано сведоштво за седум милениуми живот на ова подрачје, вели дека не се доволно оформени ниту силни обидите да се заживат Цареви кули како атракција.
Општината обнови дел од бедемите на Цареви кули, а доби европски средства и за понатамошно уредување на просторот, но реализацијата е бавна. Рујак вели дека засега не е ниту доволно безбедно за туристи, но откако ќе се заврши потребно е да се користи и за организирање на културни настани за да заживее.
Изминатите две години на Цареви кули се организираа неколку концерти кои наидоа на позитивен прием кај локалната публика. Тие се еден од најсилните симболи на градот, а минатата година влегоа и во официјалните обележја на Струмица како бренд.
Сузана Мицева