Целата холандска влада предводена од премиерот Марк Руте поднесе денеска оставка, преземајќи политичка одговорност за скандалот поврзан со истрагата околу исплаќањето на детскиот додаток на повеќе од 20 000 родители, кои погрешни биле етикетирани за измамници.
Голем број од овие родители страотно се задолжиле, откако даночните службеници побарале да им ги вратат парите кои претходно ги добиле како помош за детски додаток. Како причина се наведувале технички недостатоци како документ без потпис или слични проблеми.
Холандската даночна управа призна дека најмалку 11 000 луѓе биле таргетирани во истрагата затоа што имале двојно државјанство.
Овој факт дополнително го засилува верувањето кај етничките малцински групи во Холандија, дека дискриминацијата против нив е институционализирана.
Владата на Руте, минатиот март одвои 500 милиони евра за компензација на оштетенит, а денешната оставка е пред се симболичен чин, затоа што ќе продолжи да ја врши својата работа се до изборите закажани за 17-ти март.
Според сите анкети, конзервативната Народна партија за слобода и демократија на Руте е фаворит да победи на парламентарние избори, со што тој повторно ќе има можност да ја формира новата влада.
Ова не е прв случај владата во Холандија да поднесува масовна оставка како гест на колективна одговорност. Во 2002-та година, целата влада исто така поднесе оставка, по објавувањето на извештајот во кој се критикуваа некои од министрите и воениот врв заради неспречувањето на масакрот на бошњаците во Сребреница.