Ниту една недела не издржа обидот на власта по скратена постапка да ги донесе измените на Законот за минерални суровини. Предлогот за кој требаше да расправаат пратениците на седница во понеделник, под огромен притисок на јавноста се повлекува од собраниска процедура. Предлагачот – Министерство за економија одлучи да го доработи и да ги внесе забелешките на граѓанските организации и експертите. Потоа наместо по скратена, предлогот да оди во собрание по редовна постапка.
Ова доаѓа откако 33 граѓански организации, високообразовни институции и експерти цврсто застанаа зад ставот дека измените овозможуваат евтина распродажба на националните природни богатства. Бараат јавна дебата и ново решение кое ќе ги соджи предлозите на експертите.
„Според Архуската конвенција Министерството за економија како носител на директни и индиректни обврски во врска со управувањето на животната средина има обврска да ја вклучи јавноста во носењето на законите, правилниците и другите правни акти поврзани со геолошките истражувања и експлоатацијата на минерални суровини. Затоа од Алијансата „Разбистри се“ сметаме дека во носењето на Законот за минерални суровини треба да биде вклучена широката експертска јавност и сите заинтересирани граѓани“- изјави Дејан Андонов – Институт за комуникациски студии.
Велат Владата не смее да си дозволи да предлага закони кои се косат со европските конвенции и еколошките стандарди на ЕУ.
Овој закон мора комплетно да ги преобмисли начините, процедурите за добивање на концесии. Вака како што е поставен тие се многу лесни и многу ништожно е гарантирањето од страна на концесионерите дека ќе постапат соодветно во случај на еколошки штети. Затоа е потребно тоа усолгасување со еколошките стандарди од Европската унија со последните директиви за да не ни се случуваат и понатаму ситуации како со Казандол и со Иловица кога луѓето во последен момент кога концесиите беа издадени сфатија и дознаа што се ќе им се случува и дека целосно ќе им се смени и уништи нормалниот живот.- Изјави ЛИле Поповска, Зелен Институт.
Граѓанските организации се сомневаат дека брзите измени се носат за да се задоволат интересите на рударското лоби.
Всушност главен предлагач на овие измени е бившиот заменик министер за економија Колемишевски, кој што сите знаеме дека беше и адвокат на „Еуромакс Рисурсис“ еден од концесионерите и веднаш овде препознаваме интерес на рударското лоби и страшниот притисок на рударското лоби врз Министерството за економија и Владата- Костадин Ристоманов – Здрава Котлина.
Најспорно за екологистите е тоа што со предложеното решение се трга обврската за концесионерот за техничко-технолошки елаборат – со кој ќе прикаже со каква постапка и хемикалии ќе работи. Спорно е и што се трга и финансиската гаранција, во случај тој да предизвика еколошки штети. Реагираат и дека се проширува и обемот на минерални суровини кои ќе се даваат под концесија, а се олеснуваат концесиите за ископ на песок и чакал- наместо да се ограничат поради досегашните злоупотреби.
Од Министерството за економија пак велат дека дел од забелешките на невладините се погрешно толкувани или нецелосно разбрани. Не се укинува ништо, туку се преместува во други членови.
Но предлог- законот е нејасен и непрецизен и за Македонската рударска асоцијација. Тие учествувале при креирањето, но нивните предлози не влегле во решението. Вчера и тие побараа негово повлекување, и вклучување на невладините и експертите при неговото креирање.
Инаку една од најголемите забелешки и во извештајот на ЕК за земјава беше токму заштитата на животната средина, како и пречестото менување на законите.
Александра Филиповска