Реформи во образованието-да! Избрзани реформи-не! Ова е ставот на група одделенски наставници за новите образовни реформи. Во отворено писмо испратено до Независниот синдикат за образование и наука, бараат МОН да ги земе предвид нивните сугестии и предлози, како и да ги чуе нивните „учителски проблеми“затоа што тие се најголем дел од семејството на просветни работници.
Велат дека и во минатото се креирани програми и проекти од министри кои немале допирна точка со образование, професори од високообразовни институции, НВО, разни „екперти по менаџмент“, ама ретко кој од нив имал искуство во работа со деца од 5 до 10 години. Затоа, повикуваат да не се прави истата грешка – образованието да се реформира откако ќе се вклучат најкомпетентните – УЧИТЕЛИТЕ.
Сопнувањето, велат ќе биде уште на самиот старт, со воведувањето на задолжителна година пред поаѓање во училиште, без оглед на тоа дали ќе биде во градинка или во основните училишта. Прашуваат дали сме подготвени за нешто такво, дали децата во селата и во градовите имаат исти можности?
Воведување реформи во 21 век во училишна средина со средства од 19 век за нив е апсурдно.
Наставниците купуваат свои компјутери за да предаваат предмет „работа со компјутер„. И во градовите, најголем дел од училиштата се` уште имаат класични табла и креда. Се` друго, како паноа, штафелаи, ваги, музички инструменти, едукативни играчки и сложувалки е изработено или купено од наставниците.
Со реформата се ветува дека училниците ќе бидат опремени со компјутери, печатач, проектор и друга опрема, но прашуваат, дали ќе има доволно за сите ученици веќе од септември? Ако одговорот е НЕ – да не се почнува со реформата. Бараат на наставниците во селата да им се обезбеди организиран превоз, материјали, учебници, интернет…
Прашуваат и, дали се пишуваат квалитетни и издржани наставни програми за кратко време? Ако одговорот е НЕ – да не се почнува со реформата.
Се надеваат дека сите задолжителни наставни предмети ќе имаат квалитетни учебници, затоа што дигитални учебници не можат да бидат секому достапни.
Од МОН го повторија ставот дека -не брзаат со реформите, туку доцнат.
Доколку се изгласаат, спроведувањето на реформите треба да почне веќе од септември годинава.
Далиборка Демјанска Цветановска