По откажувањето на дуелот меѓу Бостон и Мајами се појавија шпекулации во медиумите дека поради зголемениот број на кошаркари позитивни на коронавирусот постои можност лигата за момент да се прекине, но челниците на НБА сепак не размислуваат за оваа опција.
“Очекувавме дека може да се случат вакви работи и токму поради тоа календарот на натпреварите е прилагоден за евентуални одложувања на натпреварите. Не планираме да го прекинеме натпреварувањето и ќе продолжиме со одигрувањето на мечевите со строго почитување на протоколите кои се направени во консултација со членовите на медицинскиот тим”, изјави портпаролот на НБА, Мајк Бас.
Некои тимови изразија загриженост поради големиот број на позитивни резултати меѓу играчите, но комесарот на лигата, Адам Силвер останува на примената на правилото според кое за одигрување на еден натпревар потребни се најмалку осум играчи.
Инаку мечот меѓу Бостон и Мајами е одложен откако на последното тестирање позитивен резултат имаше Ејвери Бредли и тој мораше да замине во изолација, а останатиот дел од тимот е во карантин се додека не добијат резултатите од повтореното тестирање.
Бидејќи тренерот на Мајами, Ерик Спелстра немаше на располагање осум кошаркари натпреварот мораше да биде одложен.