За Националната стратегија за „Едно општество за сите“ беа организирани осум дебати, за образовните реформи нема да има ниту една.
Нема да биде овозможено директно соочување на аргументите на бројните образовни институции кои се спротивставија на новата концепција за основно образование.Овој заклучок произлегува од долгиот одговор на МОН, на прашањето на Телма, дали и кога се планира јавна расправа за концепцијата? За нив, под јавна дебата се подразбира самото тоа што концепцијата е јавно достапна на интернет страницата на министерството и можат да се доставуваат забелешки на мејл.
Самата нацрт концепција е направена врз основа на анализи, меѓународни и домашни истражувањеа и експертски мислења и ставови од наставници кои посочуваат дека се потребни реформи во основното образование. Ова значи дека од самиот почеток на подготовка, концепцијата се прави во широк и консултативен процес. Јавната дебата за новата Концепција за основно образование е во тек од средината на декември и ќе продолжи да тече во наредниот период, велат од Министерство за образование.
Јавна дебата за нив е и тоа што презентацијата ја следеле сите директори на основните училишта и по еден предметен наставник, а на Јутјуб ја имаат прегледано над 16.000 лица. Наведуваат и подолг список на досега одржани консултации со претставници на релевантни институции, универзитетски професори, наставници, но и родители и ученици. Тврдат дека, од самиот почеток се вклучени раководството на СОНК и меѓународни организации, а одржана е и онлајн конференција со професори и наставници. Повторуваат дека, секој може да достави свои забелешки, коментари и предлози до 20 овој месец, но се потенцира дека ќе бидат земени предвид само ако со нив се подобри концепцијата. Како што дознаваме, забелешки доставиле сите релевантни институти и факултети, но никој не добил одговор.
Меѓу нив е и наставно-научниот совет на Филозофскиот факултет, чиј декан вели дека, сите се за реформи, но бидејќи е проблематичен самиот концепт, сепак е потребна поголема стручна дебата.
Од Филозофскиот факултет сметаат дека, Концепцијата содржи методолошки и дидактички недоследности и решенија кои не соодветствуваат на воспитно-образовната и општествената реалност во државата, што може да предизвика сериозни проблеми во образованието.
Спојувањето на предметот историја кој припаѓа на хуманистичките науки со група на предмети од општествените науки, претставува неприфатливо минимизирање и игнорирање на незаменливото и витално образовно значење на историјата, се вели во нивната реакција.
Наспроти предложената интеграција на предмети, од Факултетот сметаат дека истиот исход може да се постигне преку интеграција на цели како концепт.Периодов реагираа и МАНУ, Институтите за национална историја, педагогија, социологија, македонски јазик, Педагошкиот факултет и ПМФ. Со свои реакции и забелешки излегоа и Друштвото на физичари, Сојузот на хемичари, Биолошкото друштво, географското друштво, Здруженијата на наставници по историја, музичко, ликовно и географија. Секој се обидува да докаже зошто е важно изучувањето на секој предмет поединечно, и кои би биле штетните последици од интегрирањето на предметите во еден. Наставниците, особено тие што се со договор на дело, стравуваат за своите работни места, по најавата за спојување на предметите во еден, иако надлежните уверуваат дека ниту еден наставник нема да остане без работа.
Далиборка Демјанска Цветановска
Демант од Министерството за образование и наука
Министерството за образование и наука демантира дека нема да има јавна расправа за новата Концепција за основно образование.
Во соопштение до ТВ Телма, од МОН велат дека Јавната дебата за новата Концепција за основно образование е во тек од средината на декември и ќе продолжи да тече во наредниот период. Од средината на минатиот месец, во консултативниот процес се активно вклучени сите засегнати страни, претставници од релевантни институции, универзитетски професори, над 4.000 наставници, но и родители и ученици.
„Во дебатата за концепцијата од самиот почеток се вклучени раководството на СОНК и регионалните претставништва на СОНК и меѓународни организации и институции како УНИЦЕФ, Светска банка, УСАИД, Британска и Швајцарска амбасада и Делегацијата на ЕУ. Сите изразија поддршка, затоа што реформите треба да резултираат со квалитетно основно образование.
Одржана е и онлајн конференција со професори, наставници, претставници на ликовната, музичката и драмската дејност. Реализирани се средби и дебати со Студентското собрание и професори на ПМФ.
Концепцијата е објавена на веб страницата на МОН https://mon.gov.mk/content/?id=3608 со цел најшироката јавност да биде вклучена во креирањето на новиот концепт за основно образование, врз основа на демократското начело. Секој може да достави свои забелешки, коментари и предлози до 20ти овој месец. Овие предлози и забелешки секако дека ќе бидат земени во предвид ако се во насока на подобрување на Концепцијата. Целиот овој процес се прави во најдобар интерес на учениците, затоа го спроведуваме максимално транспарентно, вклучувајќи ги националните институции, граѓанските организации, социјалните партнери, како и експертите за образование и професионалци од праксата“, се вели во соопштението на МОН.